Во Црна Гора се одржа натпреварот во лежење. 17 учесници се „тепаа“ за 1.000 евра
Велат дека си паметен ако ги прифаќаш шегите на твоја сметка. Добро ни се познати вицовите за црногорците и мрзеливоста најчесто ја поврзуваме со нив. Епа веројатно, тие се навистина паметни, па оваа шега на нивна сметка и тоа како ја прифаќаат. Имено, во етничкото село Брезна (некаде помеѓу Никшиќ и Плужине) традиционално се одржа натпреварот во лежење. За наградата од 1.000 евра се „се бореа“ 17 учесници. Се разбира, се бореа со лежење. Лабаво, без да се мрднат…Ептен ептен сега ако им дојде некоја сила, може да прочитаат некоја книга, им носат за јадење, пиење, а дозволено им било да одат во тоалет на секои осум часа по десет минути.
Извор на фотографија: Print screen/you tube
„Ова е прекрасно место, чист воздух, локална храна. Уморни сме и ни треба одмор“, рече еден од натпреварувачите и додаде: „Разговараме, се запознаваме. Уживаме во социјалните мрежи, гледаме филмови, читаме книги”.
Друга учесничка, која веќе еднаш победила на овој натпревар и поставила рекорд, вели дека се пријавила годинава бидејќи наградата е многу привлечна, но и се разбира, малку да се одмори.
Жарко Пејановиќ, такозвани Кнеле беше најупорниот и си ја доби наградата од 1000 евра, а за искуството забележа:
„Не беше тешко, верувајте, не се ни загревав“.
Како заклучок би ја споделиле познатата шега, што секако потекнува од богатата ризница вицови за црногорците:
Еден црногорец бил повикан како статист за сцена пoтребна во извесен филм. Човекот цел ден лежел под сенка. Но, кога од него било побарано само ако може малку да се заврти, тој одговорил: „Ќе ве молам, јас не сум каскадер!“