Во месец јуни најстариот театар во Македонија, Народниот театар Битола го започнува чествувањето на 80-тиот роденден кое ќе кулминира со централната прослава на роденденот на театарот на 14.11.2024. Во рамките на прославата ќе имаме серија гостувања на театари од земјата и од регионот.
Чествувањето на 80-тиот роденден на Народниот театар Битола започнува со претставата ,,НА ДНОТО НА ОКЕАНОТ ПОСТОЈАТ НЕКОИ СВЕТОВИ “. Истата ќе се одржи на 12.06.2024 год. Претсавата е во изведба на независниот театар „Артерариј“ од Загреб, Хрватска.
Автор :Романо Николиќ
Драматург: Оља Лозица
Актери: Анита Макиќ Делиќ
Фрањо Мешковиќ
Имено, ,,НА ДНОТО НА ОКЕАНОТ ПОСТОЈАТ НЕКОИ СВЕТОВИ “ е претстава што ги освои срцата на публиката повеќе од една година во Хрватска. Со тоа, таа несомнено го потврдува статусот на овој независен театар. Статус како простор на храбар алтернативен театарски израз, кој обработува теми за кои повеќето молчат.
Овој авторскиот проект на познатиот хрватски актер и режисер Романо Николиќ, во соработка со актерите Анита Матиќ и Франо Машковиќ и драматургот Оља Лозица, е добитник на неколку награди во Хрватска на престижниот фестивал 33-ти Марулиќеви денови:
Награда за драматургија за заедничката работа на целата екипа во градењето на ликовите,
Награда за најдобро уметничко остварување за актерите Анита Матиќ Делиќ и Франо Машковиќ за врвна актерска заедничка игра, награда за најдобра женска улога,
Номинација на ХДДУ за најдобар режисер, номинација за најдобра машка улога.
Настаната по мотиви на Еврипидовата драма „Медеја“, но во современ контекст, претставата за главни протагонисти ги има истите ликови од оригиналната предлошка, Јасон и Медеја. Само денес, во современиот свет, тие се еден вообичаен современ брачен пар, без никакви јавни и општествено одговорни должности.
Се работи за семеен пар со две деца, кој живее во обична куќа во центарот на градот. Но, како и кај Еврипидовите јунаци, поради низа животни околности, нивната поранешна љубов се претвора во омраза, која ги доведува обајцата до разијдување во визијата за идниот заеднички живот и до слом во нивните односи. Во тој динамичен свет на брачни игри, обајцата се огорчени на свој начин и обајцата доведени до работ на самоиспитување што води во криза на идентитетот.
„Што воопшто значи да се установиш себеси и да се изградиш врз основа на односот со некој друг? Или како што ќе каже современата Медеја: ’Која сум јас – кога сум само јас? Кога не сум ничија жена, ничија мајка, ничија ќерка? Која сум јас – кога сум само јас? И дали некогаш сум била само јас? Која сум ја во суштина, која сум јас – без ти и јас? Која сум јас – без ние?’ʻ“, ќе каже драматургот на претставата, Оља Лозица.
Театарскиот колектив на „Артерариј“ ни носи емотивна камерна претстава и исклучително доживување за публиката. Изворно одиграна во едно полуразрушено поткровје во центарот на Загреб, оваа претстава отвора еден многу интимен простор. Простор кој ги урива сите ѕидови на театарот, зашто публиката (околу дваесет и пет луѓе) дословно им дише на актерите во лицето, станувајќи гостин во нивната дневна соба… Војаер на нивната трагедија. Оваа извонредна актерска екипа, ќе се обиде да одговори како и зошто една обична приказна завршува со трагедија… Една можна топла семејна атмосфера во разобличување и распад и на сцената на нашиот тетар.
„Тоа се луѓе што се сакаат, не се случајно заедно. А, сепак, сѐ води во трагедија. Како и зошто. Која е таа точка на која луѓето се кршат. Овде сите ситуации, до самиот крај, се ситуации низ кои поминувал секој од нас. Сите сме биле оставани или сме оставале некого. Сме се преиспитувале дали сме доволно вредни…“ – вели режисерот Романо Николиќ.