Наполеон Бонапарта е еден од највлијателните воени стратези во историјата. Често е претставен со карактеристична поза – раката скриена во прслукот, а неговиот поглед на сликата изгледа како да исфрла молњи. Покрај неговата воена генијалност, постои еден мит што го следи долго време: дека бил исклучително низок. Овој мит го инспирира поимот „Наполеонов комплекс“ што се однесува на теоријата дека мажите со понизок раст имаат тенденција да го компензираат тоа со агресивно и доминантно однесување.
Дали Наполеон навистина бил низок?
Историските податоци покажуваат дека стратешкиот лидер всушност бил со просечна висина за неговото време – околу 170 сантиметри, што одговара на тогашниот европски стандард. Зошто тогаш овој мит за неговиот физички раст продолжува да се одржува?
На почетокот на неговата воена кариера, имал низок чин – каплар, поради што бил нарекуван „Малиот каплар“. Иако подоцна станал император, прекарот останал. Покрај тоа, британскиот карикатурист Џејмс Гилреј одиграл клучна улога во создавањето на митот. Преку своите сатирични карикатури, Гилреј ја прикажува оваа историска фигура како агресивен мал човек. Илустрациите станале толку популарни што самиот Наполеон еднаш рекол дека Гилреј направил повеќе за неговот пад од сите европски армии.
Многу историчари се согласуваат дека карикатурите значително придонеле за неговата перцепција во јавноста… Дека тие се алатки кои се користеле против него во политичките конфликти на тоа време. Воениот лидер чувствувал дека карикатурите му нанесуваат штета и дека тие имале влијание на неговата репутација.
Една особено влијателна карикатура од 1803 година го прикажувала Наполеон како мал човек во големи чизми… Полн со гнев, опкружен со уништен мебел. Оваа слика го зацврстила неговиот статус како „Малиот Бони“, прекар што останал со него до ден – денес. Повеќе карикатури може да видите овде.
Со текот на времето, овој мит се проширил и кај други карикатуристи кои ја прифатиле идејата дека малиот раст на Наполеон е симбол на неговиот темперамент и агресивност. Тој бил толку изнервиран од сите сатири што испраќал дипломатски барања до Британија да се цензурира печатот, но безуспешно.
Во крајна линија, „Наполеоновиот комплекс“ е повеќе производ на политичка пропаганда и сатирични карикатури отколку на реални историски факти. Митот за неговата висина иако неоснован, успеал да остане жив и придонел за легендата за воениот командант и неговата контроверзна историја.