Најгневни народи во Европа – Македонците на второ место: Не е ни чудо!

Најгневни народи во Европа – Македонците на второ место, според истражувањето на „Галуп“. Маските се тргнати. Гневот станува емотивен одговор и облик на отпор кон условите што не го дозволиле посакуваното.

Тешко е да сокриеме дека сме најгневен народ, а можеби и не треба. Нашиот гнев е дел од нашиот уникатен шарм. Се појавува кога најмалку го очекуваме. Маските се тргнати. Нашата гневна природа е отворено признание: најгневни народи во Европа со освоено второ место, веднаш зад Турција. – Македонците

Истражувањето на „Галуп“ и нивниот Global Emotions Report, не открива дали го мереле гневот кај Македонците кога некој ни го зема бурекот пред нос или пак ни го зафаќа местото за паркирање. Нема ништо полошо од тоа кога ја наоѓаме својата паркинг позиција заземена од оној истиот, кој  го зел и твојот бурек, а само што си застанал на каса. Или пак, кога возите низ градските улици, некој возач ви го „предомислува возогледот“ и ве тргнува од тоа што сакате да го направите – лево или десно? Тоа е всушност таен ритуал на гневот – специјален начин на опуштање: излегуваме од возилото, ја испуштаме целата напнатост и се враќаме дома мирни. Барем до следниот пат кога ќе ни се истури кафе врз документите на работа.

Но, ако го правеле тоа, сигурно би се искачиле на првото место во Европа како најгневни народи! Како да не бидеме гневни кога некој ја става здравствената книшка на шалтерот А само што сте дошле на ред да влезете кај докторот? А згора на тоа, уште три-четири книшки врз неа. Биле со приоритет, а дошле после вас?! А кога „нема“ интернет додека чекаме пред шалтер? Дефинитивно, нема поголем тест за трпение од чекањето на шалтер без интернет. Тоа е исто како да ви кажат дека немате право на ваше мислење за „најдобриот ајвар“.

Македонците

А кога  банкоматот нема пари тогаш кога ни се најпотребни? Овој гнев може да биде прашање на живот и смрт.

Маските се тргнати, нема бегање. „Галуп“ не „прочита“ како гневен народ број два во Европа, а нашиот гнев станува дел од нашиот секојдневен шарм. Но, да не се залажуваме, гневот е дел од нашиот фолклор. Ако сте присуствувале на некоја свадба во Македонија, сигурно сте забележале дека дури и најмалиот спор околу тоа кој редослед на песни ќе се пушта, може да ескалира во драма . Истата, за кратко време се претвора во сцена од филм.

Е сега, дали овој de facto гнев е рефлексија на долгорочните, добро познати фактори кои резултираат со општо чувство на неправда? Да не вртиме одололу и ова го признаваме. Да. Затоа си го имаме овој уникатен стил на гнев кој се таложел со децении  – од гневни монолози до фрлање на недовршени проекти низ соби. А како поинаку? Како ќе избега лошото?

Но, кога ќе ги погледнеме податоците од Галуп, забележуваме интересна разлика. Земјите со најмал процент на гнев на дневна основа  во Европа се Финска и Естонија(7 отсто), потоа  – Португалците (8 насто), па следат Холандија и Хрватска (9 отсто). Во овие земји, изгледа дека поинаку се справуваат со лошото – на начин што остава простор за рационален пристап и мирно решавање на проблемите.  Дали ова е само резултат на различни културни и општествени контексти или можеби постои нешто што можеме да научиме од нивното искуство? Или ќе си продолжиме вака со нашиот гневен стил и како таков  – мора да го прифатиме?

пишува: Ромина Марковска

извор