Македонското научно друштво – Битола го одбележа Денот на жената со тркалезна маса на тема „Женски поетски хабитус“ која се одржа на 7 март 2025 година во 12 ч. во просториите на МНД.
„Женски книжевен хабитус“ е замислен како проект – тркалезна маса на која седат значајни книжевници – и мажи и жени и дискутираат за книжевни дела напишани од жени. Целта на овој проект е да се поттикне и да се овозможи отворено да се зборува за книжевно дело напишано од жена, но и да се поттикнат и авторките критички да го погледнат своето писание, од една страна, и книжевните писанија на другите авторки, од друга страна, во насока на изградување култура на читање базирана врз коавторство реализирано преку ангажирано читање на книжевниот текст и оставање свој печат врз таквото конструктивно читање кое ќе резултира со нов текст – рече претседателката на Македонското научно друштво – Битола, проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска во своето воведно излагање.
На тркалезната маса со свои излагања настапија членови на Македонското научно друштво – Битола и членови на Друштвото на писателите на Македонија и секој од нив даде свое видување за книжевен текст напишан од жена – авторка од Битола и битолско. Се зборуваше за ликот и делото на: Гордана Михаилова Бошнаковска, Вера Стојчевска Антиќ, Елизабета Баковска, Светлана Христова Јоциќ, Лилјана Чаловска, Даниела Андоновска-Трајковска, Весна Мундишевска-Велјановска, Елизабета Јончиќ, Гордана Стојаноска, Милица Димитријовска Радевска, Славица Гаџова Свидерска, Биљана Т. Димко, Мирјана Стојаноска, Лили Бошевска, Ели Маказлиева и Силвана Нешковска. Текстовите од вкупно 24 значајни книжевници ќе бидат објавени во посебно издание на МНД кое може да биде основа за идни истражувања и развој на книжевната критика.