Со цел да ги поттикне децата од најмала возраст да се „заразат“ со вистински нешта и здрави навики, етаблираната трка Трчај бе, го организираше настанот под името Мини Трчај бе што беше вистински спектакл за нашите најмили. Публиката уживаше во детскиот џагор и ги мотивираше малите шампиони да стигнат побрзо до целта. Победничкиот дух беше неизбежен, но сепак се почитуваше мотото кое беше нагласено од страна на организаторите: „Секое дете кое ќе ја помине целта е победник и секое дете за нас е супер херој“
„Првото издание на Мини Трчај бе, сметаме дека означува мала пресвртница во животот на секое дете учесник, кое имаше шанса да се почувствува и како херој и како победник. Голема заслуга во тоа имаше бројната публика која со овации и аплаузи ги бодреше малите тркачи додека спринтаа до целта“-изјави Никола Димитровски, основачот на Трчај бе.
Организаторот со спонзорите имаа заедно организирано и бројни забавни активности и интерактивни катчиња кои создадоа дополнително енергична и празнична атмосфера. „За да се обезбеди фер конкуренција и пријатно искуство за сите учесници, учесниците беа поделени во 9 различни категории врз основа на нивната возраст која беше од 4 до 14 години. Од најмладите кои ги направија своите први чекори до поискусните деца тркачи, така што секоја категорија ги покажа уникатните таленти и одлучноста на овие млади спортисти. Овој внимателен пристап им овозможи на децата да се натпреваруваат заедно со своите врсници и да го ослободат својот целосен потенцијал. На крај, беа поделени 54 награди за најбрзите по категории. Во оваа група деца, сме сигурни дека се идните шампиони на Атлетскиот клуб Олимп од Битола, кој има извонредна историја на рекорди и врвни атлетичари и ова е само уште еден начин да потврдиме дека сме град на атлетиката“ – истакнуваат организаторите.