Марко Николиќ е автор на музика, текстови и аранжмани за хитови во светот на поп и народната музика. На новиот албум со наслов „Дојди да те сакам“ стои името Марко Николиќ.
Албумот е музички проект исполнет со десет песни преполни со љубов, романтика и нежна вибрација која продолжува да вибрира во срцата на сите негови фанови. Она што претставува вистинско задоволство за македонската публика, е промоцијата на албумот на Марко Николиќ во градот Скопје. Има добра причина!
Имено, станува збор за неговата љубов кон нашата земја која е поврзана со преубави спомени од неговото детство. Марко вели: „Македонија, нејзината историја , богатото културно наследство и музиката исклучително ги ценам и почитувам од мали нозе. Кога бев мал, доаѓавме на Охридското Езеро, а во нашиот дом на прославите, мамаи тато често пееја македонски песни. Не можам да не го споменам ниту Тоше Проески, кој според мене, беше и остана најдобриот пејач на овие простори.“
Имињата со кои соработувал се звучни имиња од музичката сцена и одлични текстописци: Марина Туцаковиќ, Саша Милошевич-Маре, Билјана Спасиќ, Нада Бучевиќ. Во низата соработници се вклучуваат реномирани музичари од Лондон, Њујорк, Рим, Берлин, Белград и Загреб , а „миксот и мастерингот“ за еден дел од албумот, „Дојди да тр сакам“ е правен во познатото студио „Abbey Road“ во Лондон каде е правена и „лајв“ верзија.
Кариерата на Марко започнува во детството во дует со сестра му Маја Николиќ во бројни детски фестивали. Дуетот предизвикува воодушевување кај публиката од присутната синхронизација и компатибилност во гласот на братот и сестрата .Следат бројни награди ширум поранешна Југославија. Инаку, Марко завршил музичко училиште во родниот град- Ниш. Студиите ги започнува во Грац во 1997 година и дипломирал на отсекот џез и соло пеење. Оттогаш активно пишува и компонира за музички имиња во соседството како Драгана Мирковиќ, Дејан Матиќ и за неговата сестра Маја. Неговата музика стои како потпис на бројни ТВ-спотови и документарни филмови. неговиот потпис стои и зад музиката на документарецот за кралското семејство и дворецот Вадуз во Лихтејнштајн. Во 2002 година се сели во Виена. Денес живее и твори заедно со неговата популарна сопруга Ана Бучевич – мотивациски говорник.
Марко како композитор бил четири пати избран од националниот одбор за песна на Евровизија во Србија, а во 2021година настапува како солист со песната по која е насловен албумот „Дојди да те сакам“.
Првата негова песна од албумот е пуштена во етерот како „Волшебен ден“. За неа , Марко вели дека е весела, „френдли тема“ и приeмчива за слушање. Во продолжение, уживајте во новиот хит.