Мандолинскиот оркестар ХГМД „Слога“ од Загреб гостува во Битола

На 31.03 во КИЦ Офицерскиот дом Битола, ќе биде одржан концертот Мозаик на хрватската мандолина во изведба на гостите од Загреб, Хрватска, Мандолинскиот оркестар ХГМД „Слога“, под диригентска палка на Максимилијан Бориќ, а во соработка со Хрватскиот културен центар МХД „Марко Марулиќ“ Битола.

Мандолинскиот оркестар

Младинскиот мандолински оркестар на Хрватското графичко музичко друштво „Слога“ основан е во 2022 година. Го сочинуваат ученици кои свират на мандолина и гитара од Музичкото училиште „Павло Марковац“ од Загреб, ученици кои свират гитара од други музички училишта, како и студенти и поранешни ученици кои свират мандолина. Нивната желба за понатамошно заедничко музицирање е причина за основање на овој оркестар.
Целта на оркестарот е систематски и постепено да ги развива младите луѓе во квалитетни оркестарски музичари кои ќе бидат основа на идната работа на Оркестарот на мандолинисти и гитаристи „Слога“, кој оваа година слави 97 години од своето основање и да продолжи да ја промовира мандолинската традиција на градот Загреб и Република Хрватска.
Репертоарот на оркестарот се состои од класични и современи композиции од хрватски и странски композитори напишани за мандолински оркестар.
Во 2023 година, оркестарот за прв пат се претстави на 27-от Хрватски фестивал на мандолина во Имотски, каде што ја освои втората награда во категоријата класична и современа музика. Оркестарот одржа самостојна концертна турнеја во Република Србија (Панчево, Белград) и Италија (Кремона, Милано, Ала).

Во последните две години, оркестарот интензивно се посвети на изведување дела од хрватски композитори за мандолински оркестар, оживувајќи некои од тие дела по децении заборавеност, а во исто време се посвети и на соработка со композитори и создавање нови композиции. Уметнички директор и диригент на оркестарот е Максимилијан Бориќ, професор по мандолина кој дипломирал мандолина на Конзерваториумот „Џузепе Верди“ во Милано.

ПРОГРАМА

  1. Никша Њириќ (1927-2016): Scherzo
  2. Владо Сунко (1954): Интрада и танц
  3. Адалберт Марковиќ (1929-2010): Прелудиум и Scherzo
  4. Мирослав Лончар (1964): Три слики
    Арабеска – Април – Танц на марионета
  5. Игор Куљериќ (1938-2006): Серенада
  6. Бранко Старц (1954): Capriccio
  7. Дарко Домитровиќ (1964): Мандолинска полноќна музика
    Barcarolle solenne – Sogni d’oro – Полноќен валцер
  8. Тихомир Раногајец (1990): Ragtime
  9. Павле Свиличиќ (1981): Бишево
    Smih vroga (Смеење на ѓаволот) – Fermale ure (Застанато време) – Jidra sposa (Со полни едра)
    Ден претходно Мандолинскиот оркестар ќе настапи во Скопје во Музејот на македонската борба во соработка со Амбасадата на РХ во Македонија. Гостувањето на оркестарот е под покровителство на Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска.
[post_tags]