Колку ги поддржуваме македонските автори? Како да ја разбудиме свеста околу читањето? …И воопшто свеста дека постојат талентирани личности кои пренесуваат извонредни приказни што доаѓаат од срцето на светот – од Македонија. До нашиот веб сајт стигна писмо од македонски автор кој раскажа за оваа борба. Како и за проблемите со кои се соочуваат токму македонските автори.
Имено „Дневникот на Еден Морепловец“ е книга на Златко Симовски (издадена под псевдоним Теодор Кузман). Симовски ја напишал за време на неговиот прв 8-месечен работен договор на брод, а неодамна ова книжевно дело што заслужно треба да се најде на полиците на вашата домашна библиотека, доживеа необична и автентична промоција.
За оваа приказна, Златко ни раскажа:
„Неодамна, обидувајќи се да договорам продажба и промоција на мојата книга во локална книжарница во Битола, ми кажаа дека престанале да продаваат македонски автори… Па немало смисла да прават промоција на книги од истите. Бев свесен дека сум влегол во погрешна книжарница и дека повеќето би одговориле позитивно на моето барање… Но, изненаден од грубиот однос на сопственикот (и од потреба да излезам од матрицата), се одлучив да направам малку поинаква промоција чија главна цел ќе биде подигнување на свеста за проблемите со кои се соочуваат македонските автори и продолжив до соседниот „Бутик за Алкохол Гермит“ чии сопственици беа поотворени за соработка. Македонска надреална ситуација во вистинска смисла на зборот.“ – вели Симовски околу упорноста да ја креира приказната и да ја оствари својата цел и соништа.
„Мојата порака до читателите, продавачите на книги и издавачките куќи гласи: Поддржете ги македонските автори. Нивните книги можеби не се напишани на изолирани плажи… И во планински куќарки, и зад нив не стои огромна маркетиншка машинерија, но произлегуваат од вистината и животот. “