„Македонијо во срце те носиме“ е проект во кој на едно место се собрани 12 песни, 12 изведувачи. Целта на проектот, како што се вели во описот, е да се возобноват најубавите македонски патриотски песни, да им се продолжи векот и да ги приближиме до младите генерации. Ова се турбулентни времиња кога често сме негирани како народ кој има своја историја, свое творештво, песни во кои се крие вистината на нашата земја. – велат имињата ои се потпишуваат зад идејата на овој проект.
„Оган да го гори“ во изведба на Ламбе Алабаковски е првата од предвидените дванаесет нумери што јавноста ќе има можност да ги чуе како дел од овој проект. „Оган да го гори“ е песна со потписите на две фолк легенди Војо Стојаноски, како автор на музиката, и Гоце Николовски, кој го потпишува текстот. Аранжманот е на Николче Мицевски, кој со огромна одговорност застана пред предизвикот да напише нови аранжмани за сите 12 композиции.
„Гоце Николовски е мојот омилен пејач и од детството имав желба да препеам некоја негова песна, со овој проект оваа моја, дамнешна желба конечно станува реалност. Горд сум што сум дел од „Македонијо во срце те носиме“, горд сум што ја отпеав „Оган да го гори“, вели Ламбе.
Зад видеото, како и комплетната реализација на проектот, во чии рамки се преработени меѓу најубавите македонски патриотски песни, стои Скендеровски продукција.
Освен Ламбе меѓу изведувачите се и Наум Петрески, Сузана Спасовска, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски, ДНК, Огнен Здравковски, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Марија Спасовска, Зуица Лазова, а на списокот песни се „Заветна“, „Налеј, налеј“, „Народе македонски“, „Едно име имаме“, „Земјо македонска“, „Ој, Вардаре“, „Оган да го гори“, „Послушајте патриоти“, „Ми заплакало село Ваташа“ …
Во склоп на проектот наесен планиран е и концертен караван кој под истото име ќе ја обои Македонија во најубавите звуци.
Да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да го зачуваме највредното – музичкиот аманет кои ни го оставиле генерациите пред нас. Уживајте во изведбата на Ламбе Алабаковски: