Синоќа во Центарот за култура, во раскошно величествена атмосфера, со посебна свеченост, Камерниот оркестар на Битола ја одбележа 10 годишнината од своето возобновување.
Што се однесува до историјата на овој познат бренд, тој постои повеќе од четири децении. Професорите Кирил Петков и Зоран Маневски на почетокот биле имињата кои го водеа Камерниот оркестар. Музичари и ентузијасти беа дел од оваа магична музичка приказна, која по неколку години во 2013, повторно одново ја роди идејата за возбновување на оркестарот.
Реализацијата на ваквата идеја се оствари од страна на диригентот, виолист и аранжер Владимир Димовски и виолистот и професор во Средното музичко училиште во Битола, Никола Трајановски. На 04 јули 2013 Камерниот оркестар на Битола го одржа својот прв концерт „За моја Битола“ во Пациото на музејот во Битола на кој што се изведоа најубавите староградски битолски песни, а гости беа повеќе македонски изведувачи. Веќе подолго време пошироката публика ужива во посебноста и афтентичноста на Камерниот оркестар.
Од минатата недела тој и официјално почнува да функционира како национална институција.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, им ги честита големите успеси на членовите на Камерниот оркестар и воедно им се заблагодари за досегашната соработка, посакувајќи им уште многу големи јубилеи:
„Честитки за овај ваш јубилеј. Благодарам пред се за поканата да бидеме гости и да го збогатиме овај ваш јубилеј. Благодарам на сите овие млади момци, а и тебе Владимир за сето она што го правите за промоцијата на Битола, а Битола и општината се тука да ви заблагодарат и да ве поддржат понатаму. Вие сте наша гордост, гордост на битолчани. Ви благодарам и ви посакувам уште многу, многу години успех“.
Владимир Димовски, изрази благодарност до сите оние кои со својата поддршка овозможија Камерниот оркестар на Битола да постигнува врвни резултати и истакна:
„Благодарен сум им на сите членови на Камерниот Оркестар кои придонесоја за неговиот успех, и неговото прераснување во познат македонски бренд. Низ овие 10 години, Камерниот оркестар имал голем број на концерти и концертни настапи во Македонија и на Балканот, и можеби следниве информации нема да звучат скромно, но фактите се тие и ние сме горди на нив – имаме реализирано над 140 концерти, од кои повеќе од 10 биле низ Балканот на најголемите фестивали, па се до Прага минатата година. На истите присуствувале над 200 илјади публика. Периодот со КОВИД-19 беше единствената година во која бевме спречени да направиме повеќе концерти, но сепак среќни сме што и тогаш одржавме неколку концерти. Да се почне од почеток и со ограничени финансии е тешко, сите тоа го знаеме, па затоа јас исто би им се заблагодарил и на сите поддржувачи изминатите години кои несебично ни помогнале, дали финансиски, или на некој друг начин да стигнеме до ова што сме денес.“
На настанот беа доделени плакети и благодарници за сите досегашни поддржувачи, по што присутните имаа можност да уживаат во звуците на Камерниот оркестар со сплет од 3 песни за Битола, аранжман на Владимир Димовски.