Сѐ е убаво во пролет. Пролетта значи будење, значи амбиција, инспирација. Значи нешто ново. Сѐ доаѓа од ова годишно време кога човек може да биде најповеќе инспиративен, креативен… Како да овие денови имаат некоја посебна миризба, некој посебен спокој. Некоја носталгија и тоа не кон некое минато, ами секогаш кон нешто ново. Како да на пролет се среќаваат „денес“ и „вчера“ и си се обраќаат без персирање, само за да си речат „…Време е за одново раѓање!“
Пролетта ја доживувам како некоја млада кокетна зборлеста госпоѓица – мисис. Секогаш е полетна. Па, ако би ја претставила како девојка, таа е ниска, шармантна, зборлеста, брза, а сепак зрачи со некој посебен спокој. Иако сеуште ете ти ја трча на своите „терца – баритон“ лилјакови штиклички и се качува на некои планини, бери булки и кокичиња. Толку е шаренолика и на неа носи лелеави фустани, а душата и е од вода. Како да пролетта е секогаш чиста. Како да кога доаѓа, знае да рече едно такво нежно „Добро утро“ што за миг ќе те замисли од каде си и што понатаму. Ќе те запраша каде одиш, ќе те запре, ќе ти се насмевне и ќе те потсети само на едно.
Да живееш! На твојот живот ќе те потсети кој понекогаш не знае да ја спакува целата злоба на светов, хаосот од вибрации и токсична енергија и да замине од тоа место. Оваа шармантнава мисица, знае да мудрува тогаш и знае без да ти се „качи над глава“, да сфатиш што сакаш и да сфатиш дека време е… Време е за нешто ново, време е за нов лист и свежина во етерот. За нови поглавја, инспирација, нови епизоди, нова емисија во серијалот. Време е за пролет и одново раѓање. Време е за будење!