Синоќа, во рамките на 55. издание на фестивалот „Илинденски денови“, Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ приреди концерт што секогаш ја надминува дефиницијата на сценски настап.
Под насловот „Ритамот на душата, бојата на традицијата“, ансамблот ја претстави својата најнова продукција… Композиција на избрани кореографски слики и музички мотиви од различни етнографски региони на Македонија. Од динамизмот на Повардарјето, преку тежината и достоинството на ората од западниот дел… До разиграните гласови од источниот предел, концертот беше силна репрезентација на хоризонталната разновидност и вертикалната длабочина на македонското народно творештво.
Етнографската вредност на ваквите продукции е непроценлива. Преку прецизна сценска реконструкција, „Танец“ ги оживува изворните носии.. Танцови фигури, вокални стилови и инструментални форми… Не како артефакти, туку како органски дел од колективната култура што продолжува да живее. Концертот беше токму тоа, фрагмент од традицијата, пренесен преку телото и гласот на современите изведувачи, со респект кон изворниот контекст, но со целосна сценска современост.
Преку фолклорот, како симболички систем, се изразуваат вредностите, идентитетите и емоциите на една заедница. Токму затоа, настапите на „Танец“ не се само уметнички – тие се и антрополошки документ, естетски настан и социјален наратив.
Настанот заврши со стоечки овации, но останува во меморијата како потсетник: фолклорот не е минато, туку алатка за културна свест, социо-историско самопрепознавање и живо национално ткиво што продолжува да пулсира Денес за утре, како што е впрочем и слоганот на годинешното 55. издание на фестивалот Илинденски денови.
55. „Илинденски денови“ продолжуваат со врвна фолклорна продукција во срцето на Битола. Утре следува и традиционалниот спектакл на улиците на Битола. Со почеток во 18:30 часот, низ Широк Сокак ќе се одржи големото дефиле со кое симболично ќе се означи официјалниот старт на 55. издание на „Илинденски денови“ со интернационални фолклорни групи и домашни културно-уметнички друштва, носејќи ја магијата на фолклорот директно меѓу луѓето, на улицата како сцена, каде традицијата најавува: „Стигнавме, и тука ќе играме“.
Фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски
ПР текст