Неспособноста ни ја јади сегашноста, а иднина одамна нема – Колумна на Марија Трифуновска Тасеска

Неспособноста ни ја јади сегашноста, а иднина одамна нема - Колумна на Марија Трифуновска Тасеска

Не можеле ништо да кажат оти експертите работеле на случајот. Не можеле да дадат повеќе информации оти се работело на “тоа”. Ама на што работат и што работат? Како да се покријат легално токму поради тоа што сите не си ја сработиле работата што им е доделена. Неспособноста ни ја јади сегашноста, а иднина одамна нема!

Одамна веќе ова не е држава. Нема иднина… Гнили се корените, изгниена е и почвата и воздухот и водите. Сѐ е гнило. Смрди-корни од изгниеност. Распадот само цути ама низ смрдеа, солзи, болка, крв и неправди со црно покриени и на легален начин испеглани. Оти никој не работи, оти одговорност е нешто за кое не се работи, туку се работи на начини на заобиколување на одговорноста.

Немаме колективна свест, немаме чувство за одговорност, немаме свест за правда!

Неспособноста ни ја јади сегашноста, а иднина одамна нема - Колумна на Марија Трифуновска Тасеска

Потковани (намерно или не, навистина не знам) со филмови и песни во кои изобилува мачење на македонскиот народ и ТРПЕЊЕ болка и неправда и… Пораката е само: „бидете силни!“. Врежано ни е во колективната меморија дека од дамнина нашиот народ е измачуван, газен и обесправдуван и (намерно или не) насочен на помирување. Перење на мозокот и вбризгување дека помирувањето е единствениот начин на преживување овде. Единствената сламка низ која можеш да вдишиш додека гниеш под земја (за некој да се наполни со пари и да замини од тука обезбеден за уште десет поколенија во иднина кои нема да живеат со нашите овде) – е да се помириш.

Доведени сме до вегетативна состојба (само рефлексно да постоиш) – тоа е она кога си мртов ама на апарати. Такви сме, мртви на апарати. Ни туркаат депонија и нѐ прават малоумни – не требало до толку да дишеме… Ни туркаат закони за да работиме волонтерски и нѐ прават да се чувствуваме дека и таа плата што ја имаме многу ни била (не берело во кошничката толку производи колку што можело да се купат со платите наши, ама ги бери нив во новите возила на патишта низ светот за кои плаќаат со парите што ќе беа вишок да ни беа во платите).

Не работат апаратите за основни испитувања во распаднатите објекти наречени болници… Ама работат кафемати и фудбалски игралишта во канцеларии од каде си играат мајтап со народот. Нема пари за функционални објекти за забава на најмладите… Ќе ни умираат и оние малку млади кои ни останаа и тоа како? Додека се обидувале да се забавуваат пак во РАСПАДНАТ објект и… Се будиме во недела која ни врви молејќи се за душите на младите кои заминаа и за сила на оние кои се уште во исчекување за како ќе продолжат.

И слушаме работеле на случајот. На кој случај бе работите??? Знаеме на што работите. Сигурно не на тоа зошто работел објектот без дозвола и чешлање на сите институции (така да ги наречеме иако не се тоа). …И КАЗНУВАЊЕ на тие што ја прифатиле одредената функција во ова општество, ама наместо да ја спроведуваат за општо добро, ја искористиле за сопствено богатење.

Неспособноста ни ја јади сегашноста, а иднина одамна нема - Колумна на Марија Трифуновска Тасеска

Абе животите наши не се играчки за мајтап играње, децата наши бе вредат, не се само статистичка бројка за играње и за маскирање на копитата на некои од некоја кал излезени кои сега “господа” ќе ни глумат овде… Ќе ни глумат легнати над згрбавениот народ што го газат со истите тие валкани копита додека истиот само се обидува да преживее и месецот да го протурка.

Веќе како народ премногу проголтавме. (Иднина? Хм…) Гнила е цела држава и ова веќе не е живот. Мртви на живот нѐ направија, да се помируваме со сѐ ни всадија. Ама овој тек на гнилеж мора да запре. Во соседството имаме најсветол пример на храброст и покрај сѐ не се плашат и упорно прангите ги кршат. Ако сакаме нешто да се смени, од нас треба да почнеме. Не да се впуштаме во течењето на гнилежот, да се исправиме и обратно од течението да тргниме. Не се тие што ни требаат нам, посебно не оние кои арното не ни го мислат ни нам ни на децата наши. Нив им се потребни НИЕ. Одговорност мора да се има за од гнилата почва да излезиме и некаде нешто во оваа држава навистина да почни да цвета.

Марија Трифуновска Тасеска

[post_tags]