Дали „Halloween“ е тука да го загрози нашиот идентитет?

halloween-nokta-koga-site-mozeme-da-bideme-malku-ludi

„Halloween“– ноќта кога сите можеме да бидеме малку луди! „Halloween“ кој ги слави духовите, фантазијата и мистиката. Има корени во келтската традиција и првично значел „Ноќ за сите светци“ или „Ноќ на сите души.“

„Halloween“, во Америка каде што оваа традиција е најраспространета, децата облечени во различни костими тропаат на вратите и бараат слатки. Притоа ја користат фразата „Trick or Treat“ (Слатки или шега). Тоа е традиција која симболично потекнува од стари ритуали и приказни за духовите што се враќаат во светот на живите на оваа ноќ.

Halloween“- ноќта кога сите можеме да бидеме малку луди!

Додека децата собираат слатки, возрасните уживаат во „страшните декорации“ на хорор филмовите  кои ја обележуваат ноќта. Идејата за „хорор“ потекнува од обичајот на маскирање во страшни ликови. Некогаш имало за цел да ги исплаши духовите… Но, денес е претворено во забава и можност за креативност – од страшни чудовишта до симпатични херои.

Така „Halloween“, не е вистински страшен туку е радосен празник на маски и забава – начин да се ужива во фантазијата: тиквите се претвораат во светилки, а хорор филмовите добиваат премиум термин.

Во Македонија, иако не е традиционален дел од нашата култура, „Halloween“ сепак почна да се појавува на сите страни… Од продавници до училишни маскембали. Но, не се сите воодушевени од тоа.

Честопати наидуваме на „загрижени“ коментари  – зошто да се празнува нешто „туѓо“? Зарем не се доволни нашите празници како Велигден, Прочка, Карневалите што ни ја бојат годината? Некои сметаат дека е само комерцијален изговор за трошок повеќе, додека други пак, се прашуваат – што има навистина толку интересно во вампирите, тиквите и страшните маски?

Но, Hlloween не е тука да го загрози нашиот идентитет – всушност ова е одлична идеја да се забавуваме и „испробаме“ во улоги на духови или џиновски банани. И ајде да бидеме искрени, кој не би сакал еден ден во годината, без срам да се маскира и да се пошегува дека „неговата вистинска форма конечно излезе на виделина“? Во основа, празникот е прилика да излеземе од сивилото и рутината на секојдневието. Тоа е една можност на забава и добро расположение што ќе внесе малку разлика меѓу деновите. Па ако ви е по ќеф, уживајте во ноќта на маските. А за оние кои не се убедени, не грижете се: ќе се вратиме на нашата добропозната „нормала“.

пишува: Ромина Марковска