Во Битола се одржа Greentech Pelagonia Demo Day: десет стартапи ја претставија иднината на зелените иновации

Во Битола се одржа Greentech Pelagonia Demo Day: десет стартапи ја претставија иднината на зелените иновации

DinkMK, AquaVolt и MicroBoost се трите најуспешни решенија во програмата „Empowering Innovation in Pelagonia Region“

Во организација на Преда Плус Фондација, во просториите на Утопија Академија во Битола, на 31 март се одржа Greentech Pelagonia Demo Day, финалниот настан на програмата „Empowering Innovation in Pelagonia Region“, поддржана од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и CIF.

Настанот претставуваше завршница на повеќемесечен процес на работа со стартап тимови од Пелагонискиот регион, насочен кон развој на одржливи бизнис модели, зелени технологии и иновативни решенија со јасен пазарен потенцијал.

На сцената настапија десет стартап тимови, кои преку своите pitch презентации ги претставија своите идеи пред стручна жири-комисија составена од претставници од бизнис секторот, инвестиционата заедница и експерти за развој на стартап екосистемот.

По процесот на евалуација, жирито ги избра трите најуспешни решенија:
Прво место – DinkMK
Второ место – AquaVolt
Трето место – MicroBoost

Овие тимови беа препознаени поради јасно дефинираниот проблем што го адресираат, потенцијалот за скалирање и капацитетот за реална имплементација на нивните решенија.

Програмата има за цел да го зајакне локалниот стартап екосистем, да поттикне развој на иновативни и одржливи бизниси и да создаде поврзаност помеѓу претприемачите, инвеститорите и релевантните институции.

„Овој Demo Day не е само финален настан, туку доказ дека кога ќе се создаде структурирана поддршка, менторство и вистинска насока, локалните идеи имаат капацитет да прераснат во одржливи бизнис модели. Во изминатиот период работевме со тимови кои не само што развиваа концепти, туку учеа како да размислуваат пазарно, да ги валидираат своите решенија и да градат основа за раст. За нас, успехот не се мери само со победниците, туку со фактот дека се создава активен стартап екосистем во Пелагонија, кој има потенцијал да продолжи да се развива и по завршувањето на програмата“, изјави Лидија Ангелкова, проект менаџерка во Преда Плус Фондација.

Во рамки на програмата, значајна улога имаше и партнерството со Утопија Академија, каде што се реализираше интензивен тренинг процес со вклучување на гостински тренери од странство. Преку овој сегмент, учесниците добија практични знаења, менторство и директен увид во современи пристапи за развој на стартапи, што дополнително придонесе кон квалитетот на финалните презентации.

ПРЕДА Плус особено ја истакнува долгогодишната соработка со Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, која и оваа година се продлабочува преку поврзување со активностите на Студентскиот центар за претприемништво, во рамки на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС.

Како резултат на оваа соработка, студентските тимови кои учествуваа на хакатонот реализиран преку УКЛО КОЛОРС, Колаборативен простор (CoSpace) во СИЦ беа мотивирани да аплицираат во стартап програмата Green Tech Pelagonia, со што се воспоставува јасен континуитет помеѓу академската средина и практичната стартап поддршка.

Demo Day потврди дека Пелагонискиот регион има капацитет за развој на конкурентни стартап решенија, со фокус на одржливост, применливост и раст.

На крајот од настанот, трите победнички тимови беа дополнително поддржани преку финансиски награди обезбедени од ПроКредит Банка, како дел од нивната континуирана поддршка на развојот на иновативни и одговорни бизниси.

[post_tags]