Во Галеријата ,,Ранко Струмениковски ” Битола – Самостојна изложба на Леонардо Готлиб

Во Галеријата ,,Ранко Струмениковски ” Битола

ВРВНИ ГРАФИКИ ОД АРГЕНТИНСКИ АВТОР

Добитникот на Гран При на 11. Графичко триенале во Битола, Леонардо Готлиб, со своја самостојна изложба ја одбележа 88 годишнина од раѓањето на познатиот македонски графичар Ранко Струмениковски, (1936 -2000) во Галеријата која го носи неговото име.
Во присуство на голем број љубители на ликовната уметност, за делата на Леонардо Готлиб и за неговата творечка активност говореа Драган Ристевски организатор на настанот и новинарката Љубица Ангелкова, а за отворена изложбата ја прогласи Тања Ристевска
Струмениковска ќерка на големиот уметник Ранко. Претходно, пред присутната публика со две композиции се претстави талентираниот млад пијанист Симеон Мицковски кој ја надополни свечената атмосфера на настанот. Се заедно, ликовниот настан во Галеријата ,,Ранко Струмениковски ” остави силен впечаток кај присутните кои беа живо заинтересирани за откуп на графики на светски познатиот автор Леонардо Готлиб од Буенос Аирес, Аргентина. Инаку, Готлиб кој во своето творештво обработува и третира теми од еколошка природа, учествувал на над 100 графички манифестации низ светот и добил дваесетина врвни награди и признанија, меѓу кои и Претседателската награда за уметничка извонредност на Аргентинската влада.

Драган Ристевски