На секое „зошто“ има „затоа“, а за нашата Битола има повеќе одговори што кријат историја, незаборавни и урбани приказни. Еве нeколку „затоа“ на прашањето:
„Зошто душата на Битола има конзулска гордост?“ – Една емотивна и конзулска – За неа…
Затоа што од „украсите“ на Отоманската империја до европските палати, овој град бил сведок на многу дипломатски договори и културни разменувања. Овде, во овој град, конзулите биле пријатели на луѓето.
Затоа што Битола се наоѓа на работ на овој Полустров. На Балканскиот, со стратешка положба и моќ.
Затоа што токму оваа локација им овозможувa на конзулските преставништва во Битола да бидат во близина на различни регионални и глобални дестинации.
…И токму оваа „битолска отвореност“, го засилува статусот на градот како конзулско средиште со голема гордост и вреднување.
И затоа што и од оваа и од таа страна на времето, дневно-ноќниот поздрав на битолчани, не би можел да помине без симнување на паларија и наклон.
Зошто Битола е недостапна за загуби на својата автентичност?
Затоа што легендарниот Пелистер го прегрнува овој мултикултурен мозаик и го штити од нечесни влијанија. И затоа што во шумите на Пелистер растат корените и стеблата на конзулскиот град.
Зошто времето забавува во урбаниот простор на ова место?
Затоа што секој ѕид, секој храм, секое минаре и секој камен на битолските улици, има што да раскажува. Затоа што овде се спојува исток и запад, духот на минатото и енергијата на современоста.
Зошто кафето тука е лектира?
Затоа што додека го пиеш кафето во било која кафетерија , подеднакво заводлива и лоцирана на плочникот од Широк Сокак или старата чаршија, не ги тргаш очите од најстарите архитектонски градби на Балканот. Уште од турско доба и читаш, анализираш и подвлекуваш.
Фото – Агим Џело
Зошто Саат – кулата е магична точка во Битола?
Затоа што ниту на едно друго место нема поудобна клупа како клупата околу Саат-кулата. Чувствуваш нешто што ќе ти ја распекмези душата. Стрелките на часовниот механизам креираат „120 минути во еден час“. Само овде добиваш двапати повеќе време за ретроспектива.
Зошто пијаното во воздухот е често присутно во Битола?
Зошто Битола има пијано во воздухот? Затоа што секој битолчанец остава бакшиш како „молим, изволте и пардон“ на крајот од денот на штембилот со сино мастило како небото на Битола. И уште нешто. Кафето во Битола има уникатно име. Се вика: „Задоволството е мое.“
пишува Ромина Марковска