,,Дрвото што гледа” поетска книга инспирирана од сликарските дела на Ранко Струмениковски

Книга поезија создадена од шеснаесет познати македонски поети инспирирани од сликарските дела на Ранко Струмениковски (1936 – 2000) свечено беше промовирана во Галеријата што го носи неговото име во Битола. Книгата поезија ,,Дрвото што гледа” е заеднички проект на Македонското научно друштво од Битола и Галеријата ,,Ранко Струмениковски”, во соработка со поети од повеќе градови на Македонија.

На бројната публика присутна на промоцијата им се обрати д-р Драган Ристевски кој во предговорот на книгата нагласи дека инспиративниот графички и сликарски опус на Ранко Струмениковски, суптилноста и лиричноста на неговите дела се значајни фактори и поттици за пројавениот голем интерес кај поетите за создавање песни мотивирани од неговите дела.

За самото создавање на овој поетски проект говореше претседателката на МНД д-р Даниела Андоновска – Трајковски која со свои поетски творби учествуваше во ова раритетно поетско остварување. Д-р Златко Жоглев – Олгин на суптилен начин ги презентираше карактерните особини и уметничките вредности и дострели на сликарот и графичар Ранко Струмениковски, со акцент на неговото значајно место и позиција во современиот уметнички живот во Битола и Македонија, со акцент неговиот придонес во областа на применетата уметност во повеќе области и сфери.

Од аспект на ликовните стојности и поврзаноста на поезијата и сликарството говореше д-р Билјана Цветкова – Димов која имаше своја рецензија за ова уникатно дело. Со свој критики осврт во овој проект, со акцент за ликовните вредности на делата застапени во книгата се осврна кустосот советник Владо Ѓорески, а за поетските дострели и остварувања своја рецензија има и д-р Весна Калпаковска. Присутните поети, автори на поезијата во збирката ,,Дрвото што гледа” читаа дел од своите дела кои на убав начин оваа промоција ја претворија во исклучителна интерактивна поетска седенка.

Значаен прилог во естетското комплетирање на оваа исклучителна поетска збирка даде Весна Мундишевска – Велјановска чии графички решенија придонесоа во конечниот посебен заокружен лик на ова колективно поетско дело во кое учествуваа поетите, Даниела Андоновска -Трајковска, Лили Бошевска, Милица Димитријовска – Радевска, Љубица Донева, Златко Жоглев Олгин, Елизабета Јончиќ, Билјана Котевска – Димко, Милчо Мисоски, Марија Младеновска – Димитровска, Весна Мундишевска – Велјановска, Борче Панов, Христо Петрески, Мирјана Стојановски, Габриела Стојаноска, Добре Тодоровски и Васил Тоциновски.

Како куриозитет на промоцијата беше врвната интерпретација на лирската песна ,,Патник” на познатиот македонист, новинар, публицист и врвен поет Васил Тоциновски, од страна на ќерката на Ранко, д-р Тања Струмениковска – Ристевска која изнуди и по некоја солза кај присутните љубители на поетскиот збор.во Галеријата ,,Ранко Струмениковски”. И по официјалната промоција, на поетската збирка, добар дел од присутните останаа да другаруваат и разговараат за уметноста и поезијата и заради фактот што во прекрасниот амбиент на Галеријата е поместена и антологиската ретроспективна изложба на Методија Ивановски – Менде.

[post_tags]