Каде ти е „дома“- таму ти е убаво (античка поговорка)
Каде ти е убаво- таму ти е „дома“ (римска поговорка, поттикната од освојувања и војувања)
“PANTA REI”- „се тече, се се менува“. Едноставно секој момент е посебен, и променлив, неповторлив. Тоа значи дека и животот тече, и се менува, и е незапирлив. Тогаш зошто некои луѓе се обидуваат да го запрат? Можно ли е?
За какво запирање зборувам? Мислам на запирање на многу моменти, ставајќи си го умот во мод на „исчекување“. Нели е тоа сопствено блокирање? Најчести формулации на ваквото блокирање се и најсекојдневни: „чекам да се запишам“, „чекам да се појави вистинскиот“, „чекам да ме викнат на работа“, и многу често се случува таквото чекање да заврши неуспешно, ем да ни потроши многу време, ем да е без позитивен епилог. Што тогаш?
Марија, типична битолчанка, чекаше да се појави вистинскиот човек за кого ќе се омажи, но сликата за тоа беше да дојде некој многу убав, многу згоден, многу богат, македонец од дијаспората, смртно да се вљуби во неа… Да ја праша каква работа сака да и обезбеди во другата држава, да и обезбеди слугинки… Многу пари и сето тоа да се случи, а таа едноставно да биде ставена само на чекање… Без да превземе било каква иницијатива за нејзиниот сон да се исполни. Ако кажеме дека секој сон може да стане стварност, иако на повеќеменина овој сон ќе им звучи нереален, дали ако Марија работеше да си го исполни, ќе имаше реална шанса да и се случи овој сон? Иако ретко кој размислува која би била цената која треба да се плати потоа, по остварувањето на сонот.
За Битолчани велат една не многу пријатна констатација „сите зборуваат за милиони, а на крај нема кој да го плати кафето“. Како менталитетот да заминал безпатно, а условите не си ги создаваме за да се исполни она за што сонуваме. Ова е едниот аспект.
Од сосема друга страна да го земеме во предвид одлучувачкиот човек фактор на патот на нашите соништа. Генерациите пред вас веќе ги завзеле позициите, и имаат свои критериуми кој треба да биде ангажиран, вработен, и во тие критериуми дали е токму вашата квалификација? За што сонува еден млад човек, и додека сонува, дали има некој кој му ја отвора вратата на вистината? Дали има некој кој ќе му го покаже лицето на општеството?
Ова општество и целиот систем ќе проба да ве канализира и употреби. Но, нема да ве научи да бидете задоволни и среќни.
Побргу ќе ве повредат, ќе ве исмејуваат, ќе ви измислуваат дури и нереални ситуации, вашите вистински вредности ќе ги доведат на раб на несигурност. Во таквото опкружување, доколку носите знаење и промени, ако не зборувате на „нивниот јазик“, што е многу тешко за млад човек, ефектот е обратен. Таквиот начин на однесување и зборување, зависи од вашата умешност, секогаш во разговрот да дадете почит на оној другиот и тогаш кога сметате дека не е потребно… Во суштина треба да се биде дипломат, што најмалку е природна дарба. Тоа е техника која треба добро да се совлада и применува додека не се постигне ефектот.
Сега зборувам за две различни ситуации „да ви биде добро дома“ и „да пронајдете дома, каде ви е добро“.
Овде повеќе мислам на младиот човек кој додека е млад му треба систем, каде ќе се себе пронајде, и повеќе надворешно влијание кое ќе го води додека се осознава. Луѓето кои ќе ги вклучите се ваши мисионери, ваша гарда на бојното поле наречено „живот“.
Ако во своето јакнење се потпрете на наставникот, родителот, професорот, можеби некое свештено лице, ваш психолог, некој научник, можеби политичари, или бизнисмени, во тој случај вашите мисионери се со висока вредност, и вашиот живот е отворен да започнете да јакнете и да создавате свои ставови кон сопствен раст и успех. Доколку немате вакви лица вклучени за дискусија и планирање, за себе градење, и вашите мисионери се малските другари, понекој колега, по некој роднина, и влезете во модел на себеразочарување, изборот за напредување е сведен на бавно напредување, недобивате сила и знаења за да се движите напред. Тука некаде е клучот на изборот, и потрагата по систем во кој ќе се вградите.
Драган е позитивен млад дечко кој на факултетот важи за еден од најдобрите во генерацијата. Препознат од професорот со кој воспостави солидна комуникација е поставен за демонстратор, а за наредна година го подготвуваат за асистент.
Тој ја избра својата мисија, но, и работеше на истата. Своето слободно време делумно го посвети на комуникација со професорот и домашна додатна задача да ги уреди материјалите за да може да ги демонстрира пред студентите. За разлика од него, неговите колеги не ја дадоа таа посветеност. А не се ни поврзаа на повисоко ниво за да остварат таков успех за себе. За Драган „дома е убаво“.
Наспроти оваа животна сторија, Младен не се пронајде во опкружувањето. Се чувствуваше загушено. Тешко му оди комуникацијата со родителите, другарите се во ред, но и тие се бараат себе си, нема поддршка за да се пронајде во опкружувањето. Обидот да се пронајди во друга држава го охрабри, таму тој се почувствува ослободено, храбро, ја зеде судбината во свои раце, ја нема онаа „комоција“ која ја имаше додека беше со своите родители. Едноставно „затропа“ и создаде свој пат. Иако далеку, стана негово опкружување и му беше добро. Од тука пак онаа друга теза “каде ти е убаво таму ти е дома“.
Ако го цитираме Оноре Де Балзак дека никој нема предодредена судбина, туку сите се раѓаме и ја создаваме нашата судбина, и ако погледнеме во светот и видиме дека некој се родил хендикепиран, а и покрај тоа со своите амбиции и подвизи се создал себе си и станал општествен пример, се согласувате дека е точно „дека нема ништо невозможно“.
За да бидете среќни, најнапред соочете се со она што го имате во моментот, и станете благодарни. Со благодарноста станувате насмеани, не постои „благодарам“ без насмевка. А кога е човек расположен и позитивен може да мисли на нешто повеќе со радост… Да тргне и да создава сопствен пат.
Знајте го минатото, и не го заборавајте… Секој ваш чекор е плочка со која сте го поплочувале патот да стигенете до тука денес. Живејте го денот со голема благодарност и радост, и обидувајте се таа радост да ја делите со некого. И бидете вљубени во иднината, така ќе ја повикате да доаѓа со раширени раце и дарови за вас. Секој ден направете нешто симболично и поинаку, така ќе стекнувате поголемо искуство, некогаш ќе биде погрешно некогаш ќе биде добро. И во двата случаи ќе знаете кое беше вистинското решение, епилогот е ист на крај.