Низ играта со перспективите, светлината и темнината, подредени во функција на автентичен фотографски стил кој изобилува со вибрантна боја, Диоген Хаџи Коста Милевски создава уметност како сведоштво за минатото, но и инспирација за иднината, а ФЕСТИВАЛСКА ДИОПТРИЈА е името на насловот на првата самостојна изложба на реноминираниот фотограф.
Инаку, оваа изложба на Диоген Хаџи Коста Милевски, ќе биде составена од избрани фотографии од фестивали. Истите се одржале во Битола во изминатите 5 години, а на нив тој се јавува како официјален фотограф.
Изложбата ги опфаќа фестивалите ИФФК Браќа Манаки, Илинденски Денови.
Исто така Интернационалниот фестивал на монодрама и Фестивалот на музика од светот, во периодот од 2018 до 2022 година. Преку 25 фотографии авторот ни открива фрагменти од многубројните настани. Фрагменти кои преку неговиот фото објектив, остануваат како сведоштво за нашата Битола. За градот на културата, уметноста, на боите кои ги создава ова место.
Поводот е 43-тиот роденден на Центарот за култура – Битола. Место кое е своевиден зародиш на урбаното, на културата, на бројните манифестации, светски настани, театри. Место кое сведочи за многуте воздишки од актуелните филмски остварувања на големото платно на 3 Д кино Битола.
Вторник 10.10.2023 е денот кој треба да го обележеме во календарот. 19:30 е часот кој ќе сведочи за уште еден културен настан кој ќе пулсира во име на приказните кои ги раскажуваат фотографиите на Диоген.
Во најавата за својата изложба, Диоген Хаџи Коста Милевски ќе рече:
,,Диоптерот како единица мерка за острина во оптиката, на едно филозофско ниво е и единица мерка за вештината на фотографот која ја давате вие како оценувачи на нашите фотографии. Ова се 25 мои фотографии. Но, приказната на нивното создавање е неразделно поврзана со од еден куп добри луѓе. Луѓе кои ќе ги спомнеме во вторник и се дел од нивното создавање.”
Имено, како што известуваат од Центарот за култуа, проектот се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија, како проект од значење за културата за 2023 во партнерство со НУ Центар за култура Битола и Центарот за европски развој и интеграција од Битола.