Снежна идила во Битола и едно утринска возбуда која само дете може да ја каже: „Снееег!“ – Детството во зима некогаш и сега
Се сеќавате ли? Како ние ги поминувавме деновите во зима? Утро, се будиш. на керамидите гледаш снег… Уште нерасонет трчаш по зимската „опрема“ дебели чизми, скафандер, шал, нараквици. Успат земаш морков и петлици, а и уште еден шал да не „настини снешко“. Брзавме да се најдеме со другарите и замислете не ни требаа телефони. Од ова време, уште не ни јасно како тоа сме се наоѓале… Па уште точни, цепевме секунда… Замислете без smartphone. Скоро невозможно а?
…И се одеше на ридот. Правевме и несташлуци. Па што дете си ако малку нe додадеш сол на манџата. Откако убаво ќе замрзнеше, над лизгалката можеби и по малку вода турвавме од ноќта, за утредента да се лизгаме со најлони.
Е сега… Сега требаат скапи санки, брендирани скафандери, чизми, рачен часовник за да те знаат каде се наоѓаш и да ти го следат секој чекор, а да не зборуваме околу аптеката дома која те чека пред и после санкање. Сирупи за имунитет, сирупи за не дај Боже температура, инхалатори, топломери. И тоа е светско чудо ако настинеш. Друго време, нели…?
…Зар не сме биле болни како деца? Зар тогаш немало настинки. Зар тогаш не ни биле румени образите, студени нозете, па и покрај тоа сме седеле со часови надвор. Игравме и се удиравме со снежни топки, правевме бункери до средно, снешковци на секој чекор и не се плашевме од студот. Не се плашевме да го гледаме убавото во зимата. Всушност и тоа е пораката на видеото што следи: Some just see snow, some just see cold.. I see beauty – Некои гледаат само снег, некои само гледаат студ, но време е да гледаме убавина во сето тоа. Надвор од паметните телефони и виртуелната реалност.