Модата е исто така јазик на уметноста. Модата е страст, повик кон редефинирање на границите. А ова место станува епицентар на модните случувања. И кога сме кај случувањата, би напоменале дека се ближи настанот насловен како „Креативен ден“. Настан кој претставува линк помеѓу образованието и бизнис секторот. Идејата имено се концентрира и на будење на свеста околу проблемите со текстилниот отпад, прекумерната потрошувачка како и неконтролирано одлагање на текстилниот отпад. Но, примарно, идејата е да се мотивираат младите да учат занаети и побрзо да стекнат финансиска независност. Со цел враќање на довербата во стручните училишта, „Креативен ден“ е манифестација на имагинацијата, креативноста и талентот на младите и идни дизајнери.
Ова беше навистина возбудливо патување за мене и за „разбуди се“. А оваа приказна наречена „Креативен ден“, ќе финишира на 1 Јуни во просториите на Офицерски дом Битола. И пред да се запалат рефлекторите и пред да блеснат дамите во креација на младите модни дизајнери и учениците, ние љубопитно го следиме целиот процес на соработка помеѓу тимовите и нивната подготовка. Така, овој пат разговараме со Мирјана Момировска – модниот дизајнер, Наташа Грамосли – дамата што ќе ја носи креацијата и ученичката Назлл Рамизова.
Од овој тим, она што го почувствувавме е интензивно бурна енергија. И кога зборувам за енергија мислам на онаа креативната што тука некаде и пркоси на сето она што денес сме го навикнале. Овие девојки, дами се навистина ангажирани, одговорни кон своите работни обврски и амбициозни во поглед на нивната кариера. Муабетот во Белата Куќа имаше посебна енергија како што реков…
Енергија што брилираше на висока фреквенција. (Патем, токму таа ја сакам. Онаа брза, амбициозна, полна со живот и сериозен пристап кон уметноста и ова модна приказна. Се обидов да го скоцкам разговорот во наредните редови, но (знам) дека секогаш имам долг сторителинг. Можеби тоа е токму затоа што посакувам да знаете точно на која фреквенција вибрира „Креативен ден“. И не зборувавме со секој поединечно, разговорот беше опуштен и немавме потреба од посебен концепт. Така, ќе се обидам да ја доловам нашата кафе – приказна и заедничка средба во неколку прашања и одговори.
Ќе започнам од Мирјана Момировска, млада, елоквентна дама. Амбициозен кариерист со широка насмевка и ведар дух.
Разбуди се: Мирјана твојата кариерна приказна започнала токму тука, во овие клупи. За голем поздрав е тоа што продолжи да го чекориш овој пат и имаш сопствена продавница за облека. Дали веруваш дека си го направила вистинскиот чекор?
Да сум сопственик на продавница за облека е остварување на мојот сон. А привилегијата на соништата доаѓа тогаш кога самиот ќе ги оствариш. Самиот процес на создавање на една креација која ти си ја креирал во својата глава и си ја преточил во реалност е вистинско задоволство. Додека пак среќните лица на моите клиенти ми се мотивација да бидам уште подобра во својата работа.
Разбуди се: Што според тебе би ти донел овој настан? Каква е личната придобивка и дали таа зборува за импактот на модниот свет со заедницата ?
Импактот и придобивките се огромни. Пред се овај настан овозможува промоција на мојата работа, размена на искуства со моите колеги и секако на крај забава.
Разбуди се: Кој совет би им го дале на идните генарации и на ученичките кои се вклучени во овој автентичен проект што навистина недостасуваше?
Да ги следат своите соништа, да веруваат во себе и вложуваат во своето образование. Соништата се остваруваат.
Секако разговаравме и со Наташа Грамосли. Убава дама, природна, позитивна, одговорна и автентична во секој поглед.
Разбуди се: Што според вас претставува „Креативен ден“? Колку настаните од овој тип се можност за градење општествена одговорност?
Ваквите настани се одлична можност за промовирање на општествената одговорност. Со здружување на учениците – млади дизајнери и ние- возрасните, создаваме средина за поддршка каде што секој може да учи и да расте. Овие настани не само што ја поттикнуваат креативноста и иновативноста, туку и нè поттикнуваат да размислуваме како можеме да направиме позитивна разлика во нашето општество. Поддршката која овие ентузијасти ќе ја добијат е ветер во грб за понатамошното трасирање на нивните кариерни и животни патеки. Ваква фузија на енергии и споделување искуства, несомнено не’ води кон поубава иднина сите нас.
Разбуди се: Чест ли е да бидете во улога на „дамата“?
Апсолутна чест е да се биде дел од овој настан. Не се работи само за носење креација, се работи за застапување на талентот и креативноста на овие наши деца. Тоа што можам да ја поддржам и покажам нивната работа ме исполнува со прекрасни емоции. Како мајка го имам природно инстиктот да бидам поддршка, а како деловна жена сосем ја разбирам потребата на секој што е на почетокот на работниот век, ги сфаќам дилемите и несигурностите на прагот на светот на возрасните и би сакала колку можам да допринесам за минимизирање на истите.
Разбуди се: Колку битолчанки ја следат модата и како една вистинска дама треба да се однесува?
Битолчанки се познати низ историјата како дами со префинет вкус и обожавателки на модата. Не би рекла дека слепо следење на модни трендови е рецептот за добар и префинет изглед, но секако дека ова време изобилува со можности секоја жена за својот стил на облекување да си најде соодветно парче и да биде убава.
Што се однесува до тоа како треба да се однесува една вистинска дама, постојат некои безвременски квалитети кои често се поврзуваат со терминот “дама”, a вклучуваат љубезност,добри манири, доверба и почит кон себе и кон другите. Вистинската дама ја прифаќа својата индивидуалност, се однесува со другите достоинствено и се носи со сталоженост и интегритет. Таа ја разбира важноста на емпатијата и сочувството и се стреми да даде позитивен придонес за нејзината заедница. На крајот на краиштата, да се биде дама подразбира и храброст и пркос да се остане со гордо крената глава и кога животот не е баш нежен кон неа.
И тука некаде измеѓу голтките кафе и уметноста, ја запрашавме и Назлл Рамизова, ученичката дел од тимот.
Разбуди се: Што си научила од ангажираноста околу настанот? Дали ова учество значи дека ќе продолжиш по оваа кариерна патека?
Настанот навистина беше потребен во однос на враќање на довербата во стручните училишта и текстилната насока. „Креативен ден“ е одлична можност каде ние како ученици можеме многу да научиме, а и да го почувствуваме тој вистински реален шарм. што кога моделите дефилираат на модната писта? што кога твоите скици ги гледаш во живо? Секако дека ќе продолжам да го работам ова и ќе ја насочам мојата кариера во овој правец.
Така го завршивме нашиот разговор кој навистина беше брзоплетен, искажан во еден здив. Иако би рекле дека на оваа тема може уште многу да се разговара.
ЗА ПОТСЕТУВАЊЕ „КРЕАТИВЕН ДЕН“ Е ИДЕЈА НА ПРОФЕСОРКИТЕ АНИТА СТЕФАНОВСКА, ЕМА ЌУКА И ЖИВКА ТАНУШЕВА ИЦАНОСКА ОД ТЕКСТИЛНАТА СТРУКА ВО СОУ „ТАКИ ДАСКАЛО” БИТОЛА И ВЕСНА БОЖИЛОВИЌ ОД ПРОДУКЦИЈАТА „БОЖИЛОВИЌ”. ,,PERWOLL RENEW”, СО ЗАДОВОЛСТВО СЕ ПРИКЛУЧИ НА ИДЕЈАТА. ВЕДНАШ ПОТОА И ДРУГИ БРЕНДОВИ КАКО ТРИТЕКС СО СВОЈОТ УНИКАТЕН ПРЕПОЗНАТЛИВ СЛОГАН „TRITEX UNDERWEAR-СИНОНИМ ЗА КВАЛИТЕТ“ ГО ПОДДРЖАА ОВОЈ ПРОЕКТ. СЕКАКО И „КРЕТИВЕН ДЕН“ СТРЕМИ КОН ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА СЕТО ОНА ШТО Е КВАЛИТЕТНО. НА ТАЛЕНТОТ И УМЕТНОСТА ВО ФАНТАСТИЧНА СИМБИОЗА СО КУЛТУРАТА И МОДНИОТ ПУЛС НА ГРАДОТ.