Декември тропа на врата – Дали сме подготвени за нов почеток?

Декември тропа на врата! Уште малку и ќе ја завртиме последната страница од годината. Овојпат, со поотворено срце од лани и свежа перспектива, подготвени да го обликуваме новиот почеток. Да, светот е сè уште исполнет со вести што тежат и драми што не потсетуваат на кревкоста на нашето време. Но, можеме ли барем да се надеваме дека овие вести ќе станат минато во новата сегашност? Велат, надежта последна умира, но би било одлично таа да звучеше вака –надежта никогаш да не умре! И нека не умре.

Декември тропа на врата! И секогаш носи прашања: Што направивме досега? Што можеме да направиме подобро? Сепак, одговорите не мора да бидат сложени. Некогаш и најмалите чекори создаваат најголема промена.

Да започнеме со надеж. Надеж дека светот може да биде подобро место. Надеж дека нашите малечки постапки ќе остават голема трага.

Да продолжиме со љубов. Љубов што гради мостови наместо ѕидови, љубов што не разликува, туку обединува.

Да завршиме со акција, Акција што вели: „Јас можам да направам нешто. Јас можам да бидам промена.“

Во ова време на очекување, да си дозволиме да сонуваме за година без војни, каде децата го знаат вкусот на чоколадото повеќе од звукот на експлозијата. Да се потсетиме дека силата е во нашата заедничка желба за хармонија, дека секој од нас, голем или мал, млад или стар е дел од големата сложувалка што создава поубав свет.

Првата страница од Новото Утре, да ја завртиме заедно, обединети во нашата различност. Триста шеесет и пет страници да прочитаме со здив на радост. И со истиот здив да ги затвориме кориците на „Don’t just survive – thrive.“

декември тропа

пишува: Ромина Марковска