„Чкембе Фест Битола 2026“ – нова гастрономска манифестација посветена на традицијата и гастрономскиот туризам

Битола од 9 до 11 октомври 2026 година за првпат ќе биде домаќин на „Чкембе Фест Битола 2026“, нова манифестација посветена на македонската гастрономска традиција, културното наследство и развојот на гастрономскиот туризам.

Фестивалот го организираат Здружението за културни, уметнички, традиционални и забавни активности „Гурман Плус“ Битола и Здружението за угостителство и туризам „Еснаф“ Битола, со поддршка од Општина Битола.

Манифестацијата има за цел да ги афирмира традиционалните обичаи и кулинарските вештини карактеристични за ова поднебје, преку тридневна фестивалска програма која ќе ги обедини гастрономијата, културата, туризмот и забавата.

Во рамките на фестивалот се очекува учество на гости и посетители од земјата и регионот, претставници на граѓански здруженија, туристички сојузи и асоцијации, хотелиерско-угостителски објекти, образовни институции, како и експерти од областа на гастрономијата, угостителството и културниот туризам.

Првиот ден од манифестацијата ќе биде посветен на јавна трибина на тема „Балканска кујна – традицијата и актуелните тенденции во угостителството и гастротуризмот во Македонија“, на која ќе бидат презентирани теми од областа на културниот туризам, гастрономијата и угостителството од страна на професори и експерти.

Централниот дел од вториот ден ќе бидат гастрономските натпревари во подготовка на јадења од чкембе, со посебен акцент на традиционалната чкембе-чорба. Во натпреварите се очекува да учествуваат претставници на ресторани, хотели, здруженија, образовни институции од областа на гастрономијата и други натпреварувачи. Подготвените јадења ќе бидат оценувани од стручна жири-комисија, а ќе имаат можност да ги дегустираат и посетителите.

Третиот ден е предвидена „Инфо тура“ за гостите од регионот и учесниците на гастрономските натпревари, со цел нивно запознавање со туристичките и културните потенцијали на Битола.

Во текот на фестивалот ќе се реализираат и низа придружни активности, меѓу кои изложби, настапи на фолклорни ансамбли и естрадни уметници, презентации на производи од органска храна, како и презентации и продажба на ракотворби со мотиви од македонското културно наследство.

„Чкембе Фест Битола 2026“ е поддржан од Општина Битола, која обезбедува простор и локации на фреквентни места во градот за реализација на фестивалските активности.

Организаторите очекуваат првото издание на манифестацијата да биде основа за нејзино понатамошно развивање и прераснување во традиционална меѓународна манифестација, која во иднина би обединила гастрономски здруженија, асоцијации, угостителски и сместувачки субјекти од земјата и странство.

Фестивалот се реализира под мотото:

„Од котлето на традицијата до иднината на гастрономскиот туризам“

Организаторите упатуваат повик до компании, институции и други заинтересирани субјекти да се вклучат како партнери и поддржувачи на манифестацијата, преку финансиска, логистичка и техничка поддршка, поддршка на гастрономските натпревари, промоција на македонската традиција и активности за вклучување на младите во зачувувањето на културното наследство.

„Чкембе Фест Битола 2026“
9–11 октомври 2026 година – Битола