По повод празникот Фитр Бајрам, муфтијата Х. Амит еф. Расими упати честитка до верниците, во која посака мир, здравје и благосостојба. Во продолжение интегралниот текст од честитката:
Во името на Аллах, Милостивиот, Семилосниот
قَدْ اَفْلَحَ مَنْ تَزَكّٰىۙ وَذَكَرَ اسْمَ رَبِّهٖ فَصَلّٰى„Успеа оној кој се очисти, го спомнува името на својот Господар и намаз извршува.“ (Ел-А‘ла, 14-15)
Почитувани верници, браќа и сестри,
Со срца исполнети со вера и надеж во наградата од нашиот Создател, среќни и благодарни, ја дочекуваме благословената празнична радост на Фитр Бајрам.
Овој благословен празник е голем ден за секој верник. Тоа е ден кој го крунисува нашиот едномесечен труд и жртва за зајакнување на духовниот живот и исполнување на верските обврски.
Тагата по заминувањето на овој благословен гостин се покрива со чувството на задоволство и радост поради исполнувањето на упатствата на Аллах, кој нè учи да ја прочистиме нашата душа.
Затоа, нека овој ден биде ден на радост за сите нас!
Аллах нека го прифати нашиот пост и сите ибадети од месецот Рамазан.
Во мое име и во името на сите вработени во Муфтиството на ИВЗ – Битола
Ви упатувам најискрени честитки:
Нека е честит Фитр Бајрам, да го дочекате во радост и мир покрај вашите најблиски уште многу години!












