Во Book’s House повторно хуманитарен настан
Чинот на добрина подразбира чин на среќа. Ниедна награда за стореното дело не може да се спореди со тоа.
Морис Метерлинк. „Разбуди се“, како медиум, се буди со ова мото. Нашиот главен фокус е да ве оставиме будни во еден магичен свет. Во свет на љубовта и хуманоста кои сѐ некако ги забораваме. Токму за овој свет зборуваат нашите добри пријателки Јулијана Делев и Драгана Спасевска. Личности кои неуморно се вложуваат во организација на бројни настани од хуман карактер и создаваат совршен спој помеѓу уметноста, културата, книжевноста и добрината во едно цело. И така, со утринско битолско кафе во Book’s House, со Јуле си поразговаравме за нивните планови. Со радост ни сподели дека наскоро е роденденот на Book’s House, најурбаното книжевно катче. Морам да признам, дека знаејќи ја Јуле, (нагалено оти така си се викаме), очекуваме некоја автентична идеја. Со таков некој „нескромен“ кафеџиски апетит, можеби затоа што минутките ни беа кратки, ја голтавме секоја информација за она што таа го планира.
Но, нешто пред тоа, како дел од самите подготовки, Делев ни најави уште една роденденска забава која се разбира е од хуман карактер. Станува збор за прослава на роденденот на кловнот Заги која ќе се одржи во просториите на оваа книжарница.
„На 2 Декември – Сабота ми е роденден. Но, овој пат Кловнот Заги ќе го слави роденденот со деца и ќе биде од хуманитарен каракатер“. Стои во постот на Драгана Спасевска, личноста која се крие зад најсаканиот кловн на сите деца.
Имено, роденднеската забава ќе се одржи на 02 Декември во Сабота, од 11-13 часот. Сите гости како подарок, на Заги можат да му донесат книга или сликовница која истата ќе се продава на самиот настан. Собраните средства од продажбата на книги ќе бидат донирани за децата со попреченост, кои исто така се поканети да бидат почесни гости.
„На овие деца и нивните родители најмногу им се потребни памперси, хигиенски продукти и средства за хигиена. Воедно апелирам до сите хумани граѓани кои за новогодишните празници сакаат да ги посетат овие деца нека им подарат нешто што навистина им е потребно и неопходно. Повеќето од нив не можат да јадат цврста храна, па затоа пакетчињата не се од голема помош“. Апелира Заги и продолжи:
(Ова е добронамерен совет и се надевам дека нема да бидам погрешно сфатена.) ЗА МЕНЕ ОВА ЌЕ БИДЕ НАЈСРЕЌЕН РОДЕНДЕН АКО ДЕЦАТА ГИ НАУЧИМЕ НА ЕМПАТИЈА И ХУМАНОСТ!
Имено, по повод претстојниот реоденден на Book house (16 Декември), секој кој би сакал да купи книга од книжарата, овие денови ќе учествува во наградната игра по повод роденденот на Book’s house.
Го испивме кафето и со брзање седнавме на тастатура да ви пренесиме што слушнавме. Да ве потсетиме на доброто. Да разбудиме уште една предновогодишна хумана приказна, во која се разбира, можете да ја играте главната улога. Време е за празнично расположение, подарување и уште една хуманитарна дружба во Book’s House.