Со претставата „Магбет“ во режија на Ниќита Миловојевиќ ќе започне деветтото издание на Шекспир Фестивалот. Свеченото отворање на брендираниот фестивал кој го слави делото на најголемиот англиски и светски драмски писател, ќе биде на 23 Јуни со почеток од 20 часот.
„Судбината за играчка ме има“ е овогодинешното мото на фестивалот, а за тоа што стои зад оваа приказна, Илина Чоревска ќе рече:
-„Судбината за играчка ме има.“ Тоа е реплика на Ромео и токму од неа се променува текот на неговиот живот. Сета убавина што до тогаш ја знае како едно невино младо момче, станува различна реалност. Ние како театарџии и како актери, а пред сé како луѓе, живееме во едно време каде што судбината сé почесто не има за некакви играчки и мораме повеќе да се снаоѓаме отколку да живееме.“
Оваа реплика, Шекспир ја напишал пред толку многу години, а звучи толку многу автентично како да е кажана денес од било кое младо дете.
–Но, колку и судбината да не има, истакна Илина, ако не можеме да ја променеме, мислам дека можеме да кажеме по некој убав збор и да поделиме по некоја насмевка на луѓето кои се послаби од нас. “
Градот ќе живее во име на уметноста и ќе го слави делото на маестралната вонвремеска уметност на Вилијам Шекспир на фестивалот кој ќе трае до 29 Јуни.
Иван Јерчиќ, директорот на НУ Народен Театар Битола, на денешната прес конференција, за фествиалот истакна дека ќе има и пост-фестум програма што ќе се одржува во Октомври. Планирани се две претстави, една на Битолскиот и друга на Прилепскиот театар.
-Вториот дел од фестивалот ќе се одржи во октомври кога ќе бидат изведени претставите „Хамлет“ во режија на Бранко Брезовец, продукција на „Војдан Черондрински“-Прилеп и претставата „Денот на убиствата во историјата на Хамлет“, во режија на Марјан Неќак, продукција на НУ Народен театар-Битола. Претставите ќе се одиграат наесен, потврди Иван Јерчиќ.
Имено, програмата на ова издание на „Битола Шекспир фестивал“ ќе биде извдена на големата сцена „Благој Стефановски Баге“, новата сцена на НТБ и во малата сала на НУ Центар за култура – Битола. Во рамките на Офф програмата се заангажирани два бенда за време на отворањето и затворањето и два диџеи. Од 23 до 29 Јуни публиката ќе ужива во театрски престави, а ќе се одржуваат и работилници за децa преку кои тие ќе се запознаат со делата на Вилијам Шекспир. Комплетната слика ќе финишира со концерт на Марија Жуао, светска музичка ѕвезда која доаѓа од Португалија.
Шекспир фестивалот е уште едно потврдување дека културата и уметноста се она нешто под кое сеуште дише нашата Битола.