Битола и АК Олимп го имаат новиот државен првак на 5000 метри

Кристиан Стојани [15.54,82] го истрча најдобото време на вчера одржаното Државно поединечно првенство за сениори/ки во атлетика за 2023 година во Скопје и го освои златниот медал, прв за Битола и нејзината атлетика во оваа дисциплина уште од времето на Стевче Георгиевски. Затоа, оваа победа за овиј клуб е посебна и голема.
Кристиан со оваа победа го запечатува местото на АК ОЛИМП на висините на кои беше некогаш, а вложувањето во оваа млада екипа покажа дека визијата за враќањето на атлетиката во Битола на голема врата е возможна. Денес во клубот се ангажирани некогашните ѕвезди во поранешна Југославија – рекордери во повеќе дисциплини Вера Велјановска и Демир Даутовски.

Јана Стефановска од АК ОЛИМП исто така имаше одлична трка, освои второ место на 800 метри жени, со нов личен рекорд од 2,35 минути.

Тања Велјановска, атлетичарката која направи камбек и во атлетиката и во АК ОЛИМП, чиј член беше до пред десетина години, освои второ место на трката од 3.000 метри, со резултат 12,38 минути.

Бојан Ѓеровски имаше исто така добра трка вчера на патеката од 400 метри, со резултат 1.00,38.

Претходно, како што синоќа утрото објави клубот на своите социјални мрежи, со сребрен медал во дисциплината фрлање ѓуле, се закити Зоран Димовски, поставувајќи личен рекорд со фрлени 11,43 метри.

Битола треба да се гордее со своите атлетски ѕвезди, зошто ова е голем викенд за битолската атлетика.