Низ двочасовната изведба на врвни музичари и пејачи, синоќа битолската публика уживаше во
свеченото отворање на 15 издание на битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“.
Со моќниот концерт на докажаниот Камерен оркестар на Битола „Вива Верди“, многубројната публика со восхит ја следеше прекрасната изведба на симфониски оркестар, хор и оперски солисти.
Фотографија: Сашо Ставрев
Под ѕвездено небо во античкиот град „Хераклеја“, концертот беше вистинска сезација и на него учество зедоа над 130 учесници. Ги слушавме најубавите извадоци од најпопуларните опери на Џузепе Верди, како: Травијата, Аида, Моќ на судбината, Набуко, Риголето и други. Како солисти на концертот се претставија: Горан Начевски, Наде Талевска, Кристијан Антовски, Марија Наумовска, Нико Ѓоргиевски и прекрасниот сопран – Зана Абази Рамадани.
Ноќта вети незаборавно лето најавувајќи многу културни, уметнички и музички настани.
Фотографија: Сашо Ставрев
Градоначалникот на Општина Битола, д-р Тони Коњановски го отвори Фестивалот и нагласи дека овогодинешното издание ќе биде со посебен фокус кон домашните уметници и промоција на македонската култура и традиција:
„Битола е град кој има посебна должност да ги чува, заштитува и промовира културните вредности, кои се наше најголемо богатство, но и можност за зајакнување на меѓународните врски и пријателства, со значајни културни и економски придобивки за напредок на градот.
Токму затоа, како локална самоуправа, ставаме посебен акцент на заживување на културните простори, преку поддршка на домашните уметници и промоција на македонската култура и традиција.” – изјави градоначалникот д-р Тони Коњановски.
Пред скоро две илијадната публика која уживаше во скоро двочасовната изведба на врвните музичари и пејачи, уште еднаш го почувствувавме уметничкиот пулс на нашата Битола.
Фотигарфија: Сашо Ставрев