Креативни со грандиозен талент, неверојатни идеи и поинаков поглед кон светот. Оној свет кој е достоен за едни вистински уметници. Разговараме со Васко Мавровски и Јулијана Мирчевска, актери од Народниот Театар Битола и креатори на единствениот Бабец Театар.
Разбуди се: Двајцата сте професионални актери. Би сакале да ни опишите како е да „дишете“ ист универзум? Назад низ годините, дали вашата љубовна приказна е поврзана со љубовта кон театарот?
Се запознавме во театар. Игравме во иста претстава ,,Movie“ во режија на Росица Обрешкова. Така започна сé, како во филм кој трае до ден денес. Нашата љубов кон театарот не спои. Иако сме сосема различни карактери, имаме исти интереси и различен пристап кон сé. Затоа се надополнуваме еден со друг. Некогаш разговараме со реплики од претстави, стихови поезија и успеваме да се разбереме и кога не се разбираме. Некогаш е напорно во нашиот универзум, а некогаш совршено.
Разбуди се: Ѕирнавме во фејсбук профилот на Јулијана и наидовме на еден статус од чија приказна се наеживме, поистоветувавме, научивме. Стануваше збор за едно цвеќе кое постoјано сте го заборавале во вашата саксија, а тоа одново се раѓало, цутело, растело. Метафорично, што се случува со „тоа цвеќе“ кога ќе го заборават? Што значи човек да биде силен и одново да успева да се создава? Бунтoвност и борба или откажување?
Ова е дуалистички свет. За да има горе треба да има долу, за да знаеме што e радост треба да почуствуваме тага, за да имаме ден ни треба ноќ. Но, не треба да не плаши ,,темнината“. Таа ни е дадена да запреме, одмориме, собереме сила и да започнеме од почеток. Па што ако некогаш не заборавиле? Важно е да се издигнеме од ,,темнината“, да не се покориме, да не се откажеме, да продолжиме, помудро, похрабро па и да ги одминеме… со насмевка. …Зашто секогаш има време за ново цутење. Моето цвеќенце…уште го имам…ми раскажува приказни молчејки, потсетувајки ме дека силата е во нас.
Разбуди се: Што ве плаши?
Неспособните луѓе кои одлучуваат за нашата професија, иднина, живот…
Разбуди се: „Бабец театар“ е најпознатиот театарски бренд во Битола? Како ја создадовте идејата, со кои предизвици сте се соочиле?
Бабец театар своите корени ги влече уште од 2002 година кога заедно со Петар Стојковски Бабец ја направивме театарската претстава „Снежана и седумте џуџиња“. Но, како и се во оваа земја, така и оваа иницијатива беше оспорувана од страна на тогашната власт, пропаднаа многу донации од странски фондови. Но, тоа не нé демотивираше. Напротив, ни даде мотив да продолжиме и по неколку години и официјално да го регистрираме Бабец театар.
Битолино, Бабец театар
Визијата на Бабец театар е создавање на современ театар за деца кој ќе претставува уметничка, а не образовна институција. Театар што ги развива децата преку уметност, а не ги едуцира за уметност. Театар во кој публика се децата од денешницата, а не публика од иднината. На крајот на краиштата, да создаде театар кој е рамноправен дел, а не дополнително средство кон воспитувањето и образованието на децата.
Јованче и Марика Бабец Театар
Оваа цел е возможно да се постигне само со безкомпромисна посветеност при работата со деца и за деца, а за таа наша посветеност зборуваат и резултатите кои сме ги постигнале изминатите 13 години. Создавање на првиот интернационален детски театарски фестивал во Македонија, формирањето на првата професионална театарска школа, формирање на Македонскиот национален центар на детски театри АСИТЕЖ, единствен македонски театар член на светската асоцијација на детски театри АСИТЕЖ, реализирани 45 премиери, 230 изведби и посетеност од повеќе од 60.000 гледачи, освоена награда на Јулијана за најдобра женска улога за ликот на Марика во претставата „Јованче и Марика“.
Претстава „Јованче и Марика“ – Бабец Театар
Предизвиците во нашата професија се составен дел од нашата работа, секогаш е предизвик да се надминеме себе си, да бидеме уште подобри и да создаваме квалитетни претстави, засега одлично се справуваме и тоа не мотивира да не застанеме со работа дури и во оние моменти кога предизвик е да се обезбедат средства за реализација на проектот кој најчесто завршуваат без успех.
Разбуди се: Тешко ли е да твориш под ова небо? Каде е мотивацијата? Дали нашите деца, ние како родители и возрасни доволно ги инспирираме за да се бават со оваа професија? Колку е развиена свеста за постоње на тетарска култура и што треба да превземиме?
Мислам дека денес секаде е тешко. Уметноста се раѓа од болката, па ако ни е лесно не знам дали и би имале порив да твориме. Мојата мотивација доаѓа од секојдневието, од емоциите од сé што ме опкружува.
Во нашиот град има интерес за театар. И кај публиката и кај младите генерации кои во иднина би се занимавале со театар. Во театарската школа ,,Бабец “ имаме исклучително талентирани деца. Се надевам ќе го изберат овој пат во животот и еден ден ќе застанеме заедно на сцена.
А за да имаме повисока театарска култура, потребно е да имаме повеќе театар и подобар театар. Тоа зависи од театарските работници.
Разбуди се: Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ – Како започна да се креира оваа приказна и што може да очекуваме од ова издание?
Интернационалниот детски театарски фестивал БИТОЛИНО претставува ренесанса за детскиот театар во Македонија воопшто, со создавањето на овој фестивал Бабец театар ја разбранува театарската јавност, создаде нешто за кое што многу генерации театарски дејци претходно мечтаеле да го направат, фестивал кој поради својот квалитет и безпрекорна организација за само 5 месеци успеа да се најде на мапата на светски фестивали на Светската организација за детски театари АСИТЕЖ.
Бабец театар, Битолино
Ова беше само потврда на несебичната поддршка на европските институции на оваа иницијатива на Бабец театар, но и потврда за сериозноста и пристапот на нашиот театар при реализацијата на своите проекти.
Бабец театар пред дванаесет години за прв пат, во Македонија, организира детски театарски фестивал со интернационален карактер. Со овој чин недвосмислено докажа дека со целата своја сила и капацитет ќе се бори да ја побие тезата на светските организации кои во своите извештаи Македонија ја сметаат за земја со примитивен развој на работата на театарски претстави за деца но и за работата со деца воопшто.
Со организацијата на овој фестивал Бабец театар отвори нова страна во македонската театарска историја и ја започна златната ера на детскиот театар во Битола која несомнено е театарски храм со долгогодишна успешна историја. За успешноста на единаесетте предходни изданија на фестивалот најдобро зборува интересот на публиката и преполните сали и многубројните честитки од страна на раководните тела на интернационалните организации за детски театри.
Бабец со соработниците од Нови Сад
Следејќи и анализирајќи го програмскиот концепт на минатогодишните изданија на ИДТФ Битолино и оваа година се одлучивме истиот да го продолжиме и надоградиме, публиката ќе има можност да проследи 11 претстави, од 9 театри претставници на 9 земји ширум светот и ќе се одржат уште десетина настани поврзани со театарот за деца, театарски работилници, претстави на театарската школа „Бабец“, тркалезни маси и состаноци на Македонскиот национален центар АСИТЕЖ кој се формираше по иницијатива на Бабец театар и е со седиште во Битола а за прв претседател е избрана токму Јулијана и се разбира уште многу изненадување…
Разбуди се: Со кои театри сте соработувале и кои сѐ биле гости на овој фестивал?
На изминатите единаесет изданија настапија 40 реномирани театарски куќи и продукции за деца од 26 земји од целиот свет, публиката ја запознавме со сите правци и жанрови во театарот за деца, имаа можност да погледнат куклени претстави, монодрама за деца, физички театар, пантомима, танцов театар, социолошка драма за деца итн. Во Битола во изминатиот период имавме можност да погледнеме куклена претстава која целосно беше изработена од рециклирана хартија која театарот од Израел ја собирал повеќе од 10 години.
Имавме можност за прв пат да погледнеме театарска претстава во која главната улога ја толкуваше слепа актерка која дипломирала на специјалната академија за глума во Загреб, Хрватска. Претставата од Чиле беше проект кој авторот го создал од материјали од отпад кои подоцна ги украсил со најновите светлосни ефекти.
Неколкупати имавме можност да уживаме во куклените претстави на театрите. Тие ни дооаѓаа од земји признати за мајстори во работата со кукли, Бугарија, Романија и Русија. Од САД ни гостуваше мајсторот за изработка на маски, Лари Хант кој на сцената одигра повеќе од 50 маски.
На две изданија на фестивалот, гостите од Турција одиграа две фантастични претстави работени според нивниот традиционален караѓоз театар на сенки. Имавме чест да погледнеме две танцови компании од Франција кои последните неколку години сериозно се занимаваат со танцов театар за деца. Минатата година за прв пат фестивалот се одржа „под отворено небо“.
За крај можеме да заклучиме дека 73 претстави и 12 театарски работилници кои се случија изминатите единаесет изданија на БИТОЛИНО придонесоа за унапредување на развојот на децата кога станува збор за театарска уметност и за создавање на критична маса која подоцна ќе биде коректор на претставите кои ќе ги гледаат во националните институции.
фото: Од минатогодишното издание на Битолино. Со Давид Зуазола актер од Шпанија
Разбуди се: Постојано напоменувате да сонуваме со отворени очи… Дали светот сонува или сѐ е фокусирано само на црно и бело? Имаат ли длабочина одговорите? Каде е поубаво, во светот на соништата или реалноста? Како да вметниме црно во белото и бело во црното и да создадеме живот од тие соништа? Има ли некоја формула?
Кога сонуваме ги осознаваме нашите најдлабоки, скриени желби, размисли па и стравови. Потсвесно создаваме приказни кои се проекција на реалноста или бегство од неа.
Нашата реалност не секогаш е убава. ,,Да сонуваме со отворени очи“ е поттик да создаваме свесно убава реалност на сцената, а потоа и во животот. Се разбира дека во соништата е поубаво, зашто дури и ако сонуваме лош сон, ќе се разбудиме, ќе заврши. А во реалноста… просто нема крај.
А дали има некоја формула? Мислам дека јас немам одговор…или можеби да создаваме убави мигови…за себе, за другите.
Пишува: Елена Трпковска Наумовски