АКРЕА – Бренд кој го оживува нашето културно наследство: Разговор со Анета Атанасовски, една од ретките творци што ја пренесува традицијата преку современи дизајни

традицијата

Од секогаш сум го сакала и барала Септември. Како да овој месец ни припаѓа токму нам. На Македонците. Како да Септември не убедува на најромантичен можен начин да си го почитуваме потеклото, да ја негуваме традицијата, да ја запаметиме историјата. Зошто баш Септември? Затоа што мириса на традиција, на обичаи, на спокој, дом, на слатко од дуњи, на печени пиперки… Како да пред очи ги гледаш жените кои неуморно работеле на разбој, како да живо ја мирисаш ткаенината и како да ја носиш носијата со раскошни везови, вековноста и мистичноста на она што сме ние.

Септември вибрира во име на уметноста, инспирира, потсеќа. И верувам, дека ни една приказна не е случајна. Па така, токму во овој месец, редакцијата на „Разбуди се“, сретна една уникатна девојка, со посебна визија. Творештво што можеби најповеќе би го сместила во овој простор од календарот. Зборуваме со Анета Атанасовски, личноста која стои зад идејата на креација на уникатниот бренд кој го оживува нашето културно наследство и традицијата низ уникатни дизајнерски парчиња и изработки. Брендот наречен AKREA. Уметничка приказна – фузија на минатото, сегашноста и иднината.

Идејата,замислата за ваков автентичен концепт, потекна од љубовта и почитта  кон нашето културно наследство, традицијата и богатата историја и обичаи. Од желбата, сета таа убавина, богатството, уникатноста да ги направам подостапни, по видливи, на еден нов современ начин. 

Стручното образование, долгогодишното работно искуство со културното наследство, интересот за македонската етнологија, во голема мера влијаат и се значајни за овој креативен процес.  При создавањето на Акреа, покрај искуството и знаењето, користев стручна литература и правев многу теренски истражувања. Акреа е концепт кој покрај тоа што претставува современ израз на културното наследство и народната традиција, традицијата во создавањето на дизајните без исклучок задржана е автентичноста, се се темели на точни податоци и автентичен изглед. Поради сета тежина која ја носат стручноста, работното искуство, интересот, талентот, нескромно ќе кажам дека лаик потешко би можел да го работи ова.

традицијата

Акреа крие многу убаво значење, ”ќерка”, ”божица” на старо македонски, антички јазик. Акреа како ќерка, женска енергија, мистичност, убавина, љубов, вештина, нежност но и сила и моќ во исто време.  Случајно или не, зборот ги содржи моите иницијали и кратенката од ”креативност”. 

Токму македонското богато културно наследство, раскошните, уникатни везови, вековноста, богатството и автентичноста на обичаите, убавината, мистичноста, се моја инспирација. Сите овие инспиративни елементи, одново и одново ме воодушевуваат и мотивираат. Македонија е непресушен извор на инспирација. Сега за сега, фокусот на мојот интерес е Македонија, а во иднина не ја исклучувам можноста да создадам сличен концепт и за други култури и традиции. Сакам да истражувам нови култури, се интересирам за историјата на уметност, археологијата, традицијата генерално.

Како што и претходно напоменав, во процесот на создавање на дизајните најпрво се водам од стручното знаење, искуствата, користам стручна литература, зависно од потребата вршам и теренски истражувања, фотографирам. Потоа следува фазата на рачно цртање на дизајнот. Го задржувам автентичниот изглед на обликот, шарата, боите, само ги стилизирам линиите, дизајнот го претставувам со нов, современ израз. Следната фаза е графичка обработка на цртежот. Крајот на процесот е аплицирање на соодветниот фајл на производите. Креирам во мало катче од мојот дом, исполнето со многу боици, бои, четки, моливи, хартија, книги… и љубов.  

Најпрво започнав со тоте торби, потоа изработив подметачи за чаши, маици, постери, беџови, бележници за книги, рачно цртам чашки.  Се трудам постојано да воведувам нови производи.  Производите на Акреа се достапни за продажба онлајн на Фејсбук и Инстаграм страните на Акреа и во книжарницата ”Литература”, Скопје (Центар). 

  1. Уметноста е… за мене душевна храна, ментална хигиена, спокој, љубов.

Ќе бидам искрена и ќе кажам дека воопшто не е лесно да доживееш успех на онлајн пазарот и успешно да ја раскажеш својата приказна. Онлајн продажбата покрај предностите има и свои недостатоци особено во делот на препознавање и вреднување на твојата приказна.  Кај онлајн продажбата изостанува личниот контакт кој е исклучително значаен. Потребни се многу време, финансиски средства, посветеност и силна желба. Мотивацијата секогаш потекнува од купувачите, од луѓето кои ја сакаат Акреа, што за моја огромна радост се во се поголем број, полека, создаваме едно големо и убаво Акреа семејство. Ме мотивираат позитивните коментари, реакциите на воодушевување, комплиментите, тоа што за многу луѓе Акреа е прв избор за подарок. Сето тоа ме прави особено среќна , најголемата мотивација потекнува кога твојата работа е препознаена, почитувана и вреднувана, за што сум бескрајно благодарна.

Работам на нови дизајни, развивам идеи за нови производи. Во текот на сите процеси, работам на остварување на желбата за сопствено, продажно Акреа катче.

Интервјуто го водеше: Елена Трпковска Наумовски – НЕНА

Комерцијален Текст