Една сцена, звук на светот – 15. Фестивал на музика од светот

фестивал на музика од светот festival na muzika od svetot

Сцената е поставена, а прес конференцијата беше финална најава за стартот на 15. издание на фестивалот кој ќе го слави жанрот “world music” од 23 до 25 ноември во Битола. Време е за15 Фестивал на музика од светот

Домаќин на овогодинешниот фестивал на музика од светот е НУ Центар за култура. На средбата со новинарите беше даден примамлив поглед на програмата на фестивалот. Организаторите ја поканија публиката да биде дел во прославата на глобалната музика.

„Додека броиме пар денови до стартот на ова јубилејно издание, сакам да се вратам наназад. На сите славни имиња кои стапнале на сцената на Центарот за култура. А таа листа е навистина неверојатна и е доказ за каков музички настан се работи. За тоа како овој Фестивал на музиката од светот стана составен дел не само од битолското културно ткиво, туку е важен и за публика од нашата земја и надвор од нејзините граници. Гостувањето на Лајбах, кој доаѓа во Битола во рамките на нивната официјална европска турнеја привлече публика и од соседните држави. Тоа е за мене доказ дека можеме и повеќе“ – истакна Маја Андоновска-Илијевски на прес конференцијата.

Фестивал на музика од светот

Оваа година, под звучниот слоган „Една сцена, звук на светот“, конципирана е програма од страна на селекторот Владимир Димовски. Истата е доказ за различноста на човековото изразување преку музиката…. На уметниците кои доаѓаат од различни страни…И потоа се собираат во Битола за да ги споделат своите уникатни музички приказни.

„Посебно сум воодушевена што сум сведок на зближувањето на соработките. Така оваа година во ОФФ програмата имаме партнерство со Europe House Битола и со Олабај, како поддршка на нашите намери да го шириме фестивалот” – истакна Андоновска-Илијевски.

„Олабај постои да ја поврзи меѓународната програма на фестивалите со локалната сцена. Па така ги надополнувавме програмите на дел од меѓународните фестивали во Битола. Така, во овој фестивалски проект ја организираме промоција на првиот самостоен албум на Горан Таневски – Асценд.

Без сомнение Горан Таневски е една од најмаркантните личности на македонската музичка алтернативна сцена. Eден интересен податок би сакала да споделам со Вас, токму Горан Таневски како концертен промотор за прв пат ја доведува словенечката група Laibach во Македонија. Тоа се случи пред добри 30 години. А годинава тие заедно ќе ја делат сцената на Фестивалот на музика од светот во Битола. Со тоа слоганот Една сцена, звук на светот добива вистинско значење„ – изјави Маја Ангеловска од Олабај.

Фестивал на музика од светот

Фокус на Europe House Bitola, е креирањето и поддржувањето на настани од областа на културата. Тие се важен фактор за децентрализација на културата и анимирање на младата публика во Битола.

„Ако музика од светот е пулсот, нашите локални изведувачи се гласот и јадрото на културниот бран кој непрекинато треба да се шири и поддржува.

Под мотото #SupportLocalArtists, ја поддржуваме и ОФФ програмата на ова издание на Фестивалот на музика од светот„ – истакна Иван Дургутовски, координатор за настани на Europe House Bitola – алатка за комуникација на Делегацијата на Европската Унија.

За крај беше упатена благодарност до посветениот тим во Центарот за култура, покровителите, спонзорите и се разбира бројната публиката по која се познати сите настани на Центарот за култура.

фото | Диоген Хаџи Коста Милевски