Жените и алкохолот – Некогаш и сега! Колумна на Господин Буден

Викендов на парче еснафски раат со пријател. После прва чашка започнавме муабет. Редок. Скокотлив за општеството. Можда и глуп. И крајно непристоен. Ама ете се случи. Муабет ко муабет.

…И да. Оваа непристојност ќе трае. Веројатно со векови.

Жените и алкохолот. Некогаш и сега! Почнав да образложувам. Прекини ме ако не сум ти во право! Фала Богу можда и не сум. Но, сепак секој си го има тоа СВОЕ ПРАВО.

жените со алкохолот

Жените и алкохолот?

Да напоменам, сум против алкохолот, и жените ко знаат да се удават во таа голтка со неколку коцки мраз, но реалноста е глупава без него. Немојте да ме сфатите погрешно…Прашањето е зошто?

Епа, види вака пријателе, некогаш имаше една паметна женичка што со долг фустан и футичка или кептар, знаеше да мириса на манџа, малку лукче во доволно предвремено обелена коса. Седи прамења што се виеле на ветрот, дури таа мила и посветена домаќинка ги носела стомните полни со вода од чешмата до дома.

Во исто време, таа жена имала време за трач и доволно „раширени нозе“ за повеќе од три деца. Таа жена пријателе станувала секое утро во 4 часот наутро. И пред да бери тутун и низ ниви да разорува земја, да го чисти сметот околу куќата и чардакот чиј тежок ќилим го тресела, си го миела лицето со сапун. Потоа ги будела децата (сега повеќе од пет) и така здружно како цела „филијала“ или патувачки театар, имале семеен бизнис.

Таа жена пријателе мој, одново го играла истото сценарио и го будела секоја мугра истиот ден. И дали имала време за малку трач и чашка алкохол со комшиките? Секако пријателе. Како инаку ќе го „турнела“ истиот ден одново. Порано немале седативи и витамински бомби, ама имале една дрвена чашка во која сипале ракија и магично ,,си црвееле” насмевка на чистото лице со сапун. Жените и алкохолот? Како започнала оваа приказна?

жените и алкохолот, некогаш и сега

За кога животот ќе ги виде во огледало, да ги одмине. За кога животот мисли дека и треба помош на таа жена, да заклучи од тоа огледало оти е насмеана и да замине.

Истото е пријателе. И таа жена СЕ ГУШЕЛА во чашка, ама кротко се криела и тивко плачела. Прашањето е дали оваа Жена денес плива од исти емоции и со кои маргини се соочува? Колку алкохолот може да ја спаси оваа жена која иако денес носи здолниште до над колена, знае да плачи во тивко. Колку денес ја гледаме таа Жена? Чудна ли е денес таа жена? Која е? Носи ли оваа денешна госпоѓа стомни?

Од носталгија ќе си умре овој народ. Како некогаш било и колку некогаш било поубаво. И одново исто.,, Ех во наше време… ” Кој е оној кој суди? Дали сме достојни да им судиме пријателе?

А секогаш било исто! И тогаш кога немале струја и тогаш кога со свеќа запалена дремеле во темница, па ,,по грешка” и од ,,досада” ја зголемувале семејната бројка. Исто се однесувале. Само во тивко и без светло. И тогаш пиеле. И тогаш имало опиум, денешнава дрога. Било и полошо тогаш пријателе. Има информации кога фармацијата за да се искреира толку ,,тантелесто” перфектно (како што денес знае во аптека да ни наплати 3000 за витамини), тестирала на овие „глувциве“ што на две три ракии се „котеле“ бесрамно. Брутален сум и затоа сум Буден. На интернет скролав и видов оти кокаин им давале на деца сметајќи го тоа како лек, а денес…

Денес се прави истото, само со запалени светла.

Таа жена некаде во минатото, се импресионирала од Шанел, тогашна креаторка со фиксна идеја за соблекување на кептар и облекување на фамозниот black dress. Тогаш прв пат запалиле светла. Жениве се разбудиле. Или пак им дошло преку глава. Можеби, тогаш прв пат излегле в кафеани. Играле на џез во црниот фустан и многу секси пушеле од виткиот филтер. Ние ко „мажи“ веднаш луцидно, повторно во тивко, плукавме по таа жена. Таа жена што наскоро облече и панталони. Машки. А ни се допадна. Стана кокетна, бучна, јасна. Конечно можевме да ја разбереме. Но, оваа госпоѓа, госпоѓица, девојка, се запрашала: „До каде ќе одам? А до каде и можам да одам? Имам ли нозе што ги носат само стомниве или можам да го носам светов?“

Денес… Таа иста жена… Таа иста мајка, кралица или слугинка, куртизана или ќерка на буржуаско гомно, ја клевети оваа денес. И тука е проблемот пријателе. И таа денес ќе ја клевети онаа од утре што ќе дојди.

Жени, ние не ве кудиме. Ние ве оставаме раат. Дури и ве разбираме! Замислете! Конструктивно, јасно и достојно ве разбираме. Проблемот е што вие не се разбирате! И секогаш ќе постои таа жена што тивко „пие алкохол“ (веројатно во преносна смисла и се крие од светот. Се додека животот не ја одмине. Само да не е мета, само да не е вештерка за на клада. А пеколот постои. Се живее, уште од јаболкото на Ева. И нема бегање од него пријателе. Само зависи кое седиште си го резервирал. И како што кажав и пред ова. Видете… „Кога го цртате сопствениот карактер, или имајте на ум дека постојат тие граници или размислувајте надвор од нив. Се разбира, доколку сакате да му дадете душа на вашиот човек!“

Сите каратери во колумната се измислени. Мислењата, заклучоците и ставовите се авторски и не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на razbudise.mk

извор на фотографија на насловна