ДАНИЕЛА АНДОНОВСКА-ТРАЈКОВСКА ЈА ПРЕТСТАВИ МАКЕДОНСКАТА ПОЕЗИЈА НА МЕЃУНАРОДНИОТ ЛИТЕРАТУРЕН ФЕСТИВАЛ „СВЕТО СЛОВО“ ВО БУРГАС, БУГАРИЈА СО НЕЈЗИНАТА НОВА КНИГА „АГЛИТЕ ВО НАШИТЕ ЖИВОТИ“ ПРЕПЕАНА НА БУГАРСКИ ЈАЗИК

Македонската поетеса, писателка, книжевна критичарка, уредничка, доктор на науки и универзитетска професорка на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Даниела Андоновска-Трајковска, со поддршка на Македонскиот културно-информативниот центар во Софија учествуваше на годинeшното, јубилејно, дваесетто издание на Меѓународниот литературен фестивал „Свети збор“ – Мајски средби на словенските творци, што од 26 до 29 мај 2026 година се одржа во Бургас, Бугарија. Во рамките на фестивалската програма за прв пат беше промовирана нејзината најнова поетска книга на бугарски јазик ,,Аглите во нашите животи“ објавена во издание на издавачката куќа „Фенер“ од Бургас. Станува збор за избор од поезијата на Андоновска-Трајковска, препеана на бугарски јазик од познатата бугарска поетеса и преведувачка Роза Бојанова. Промотори на изданието беа токму Роза Бојанова и Николај Фенерски, издавач, писател и претседател на Друштвото на писатели во Бургас. Тие говореа за луцидниот метафоричен поетски свет на авторката, за вредностите на нејзината поезија и за значењето на книжевните преводи како мост меѓу македонската и бугарската култура. Книгата предизвика особен интерес кај публиката, а промоцијата беше проследена со големо внимание и бројни позитивни реакции од љубителите на литературата. Андоновска-Трајковска доби и посебно признание во рамки на фестивалот, награда од публика за мистична поезија инспирирана од посетата на тракиското светилиште Бегликташ. Фестивалот „Свето слово“ традиционално ги собира авторите од словенските земји и пошироко, а оваа година учество зедоа писатели од осум држави и тоа: Милутин Ѓуричковиќ, Душица Ивановиќ, Миодраг Јакшиќ, Миријана А. Никиќ и Зоран Вујановиќ од Србија, Даниела Андоновска-Трајковска и Димче Шипинкаровски – РС Македонија, Срџан Лековиќ и Станка Раденовиќ Станоевиќ – Црна Гора, Валерио Орлиќ – Хрватска, Калина Изабела Зјола – Полска, Радка Рубилина – Чешка, Ермине Навасардјан – Ерменија и Сашо Серафимов, Елка Њаголова, Роман Кисјов, Ангела Рождел, Петар Чухов, Димана Иванова и Мараја Миланова – Бугарија. Во текот на четиридневната програма учесниците настапија на книжевни читања и поетски средби на повеќе културни и историски локации во Бургас и регионот, меѓу кои островот Света Анастасија, Ченгене Скеле, Несебар и Тракиското светилиште Бегликташ. Учеството на македонски автори на овој фестивал и промоцијата на поетската книга „Аглите во нашите животи“ на Даниела Андоновска-Трајковска препеана на бугарски јазик претставуваат значаен придонес кон меѓународната афирмација на современата македонска книжевност и нејзиното доближување до нова читателска публика.

[post_tags]