На 4.5.2026 година, на Педагошкиот факултет во Битола се одржа промоција на преводот на романот „Три Марии“ од авторката Оливера Ќорвезироска. Настанот започна со обраќање на проф. д-р Силвана Нешковска, која ги водеше студентите-преведувачи во текот на нивната работа.

Таа изрази голема благодарност кон авторката за поддршката на студентскиот ентузијазам, како и кон издавачката куќа Ars Lamina, чија соработка беше клучна за објавувањето на овој превод. Овој преведувачки проект беше реализиран во рамките на изборниот предмет „Англиски преводи на македонската книжевност“, и започна на почетокот на академската 2025/2026 година.
Авторката, исто така, изрази искрена благодарност до студентите и нивниот ментор, истакнувајќи дека тие го препознале квалитетот на романот уште пред истиот да биде награден со бројни признанија.

Студентите читаа извадоци од романот кои, според нив, оставиле силен впечаток. Водени од универзалните теми како љубовта, внатрешните неискажани чувства и саморефлексијата, тие се обидоа да ја зачуваат автентичноста на делото и неговиот јазичен израз, што претставува голем предизвик во процесот на преведување.
Преку оваа преведувачка активност, студентите научија да работат тимски и да доаѓаат до заеднички решенија, со цел да ја доближат македонската литература до пошироката публика.
Специјален гостин на настанот беше Амбер Шиардаун, првиот читател на преводот, која ги сподели своите првични впечатоци. Таа истакна дека романот лесно се чита и се разбира и на англиски јазик.




На крајот се обрати претставник од издавачката куќа Ars Lamina, г-ѓа Бранка Бугариска, кој изрази задоволство што студентите самостојно и со иницијатива пристапиле кон преведување на делото. Таа се заблагодари на менторот за визијата и мотивацијата, како и на авторката за поддршката на целиот процес.
На крајот од настанот, претставничката на издавачката куќа подари две книги – оригиналот и преводот по случаен избор на присутните во публиката.
Сумирајќи го настанот, може да се заклучи дека книжевноста не е само нешто што се чита, туку и нешто што се создава и „пресоздава“.
Автори на текстот Ангела Поп-Гиноска и Јана Стојчевска, студентки на насоката Англиски јазик и книжевност на ПФБТ


