На 9 мај, Битола ќе биде домаќин на „Женски Земјотрес Битола“ – фестивал на свежа домашна музика што ја продолжува мисијата на Земјотрес, овојпат со јасен фокус на женските гласови од независната сцена.

Со 13 изданија во Скопје и 3 во Битола зад себе, Земјотрес е веќе препознатлива платформа која континуирано ја афирмира новата македонска музика и ја прави видлива пред пошироката публика. Ова издание, сепак, оди чекор понатаму – отворајќи прашање што ретко се поставува директно: не дали жените се присутни во музиката, туку колку сцената е присутна за нив. Истовремено го отвора просторот на делување надвор од центарот, со цел да ја доближи квалитетната домашна музика продукција до публиката во Битола
Иако македонската музичка сцена изобилува со талентирани и автентични авторки, нивниот континуитет често се прекинува поради предизвици што не се секогаш видливи – од ограничени можности за продукција и издавање, преку социјалните релации, до недоволна институционална и медиумска поддршка. „Женски Земјотрес Битола“ го става токму овој контекст во центар, отворајќи простор за разговор и конкретни перспективи за развој.
Фестивалот нуди целодневна програма што ги поврзува музиката и дијалогот. Настанот започнува со DJ сет на NastasyaKish во кафе Tigre, продолжува со отворената дискусија „Женски гласови во независната музичка сцена“ во Кино Браќа Манаки, а кулминира со концертна програма во ПАЦИО – Завод и музеј Битола.
Во рамки на дискусијата ќе учествуваат Дина Јашари, Марија Каева, Елена Васова и Теодора Василевиќ, под модерација на Виолета Качакова. Разговорот ќе отвори теми за условите во кои се развиваат жените во музичката индустрија, нивната видливост, како и улогите што ги преземаат – од авторки и изведувачки, до продуцентки и организаторки.

Вечерната програма носи концерти на дел од најавтентичните имиња на независната сцена: АТА, Корка, Елена Васова, Дина Јашари и Princess Donatsu, потврдувајќи ја улогата на фестивалот како простор за различни музички изрази и генерации.
„Женски Земјотрес Битола“ се реализира во соработка со локалните партнери „We Pretend it’s a City“ и МИДС Битола, со заедничка цел музичката култура да биде достапна, инклузивна и жива.
Женски ЗЕМЈОТРЕС Битола – фестивал на свежа домашна музика е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
