Како што би носел редот, најпрво да се запознаеме. Веројатно претпоставувате зошто е ова ,, Буден”, но исто толку веројатно не знаете. Се нареков Буден бидејќи всушност доаѓам од една таква мрзелива категорија која едвај чека да најде некоја дебела сенка и раат да се наспие. Буден затоа што сакам да се наспијам, а потоа да се разбудам. Изгледа токму тој е нашиот глобален проблем:,,Дали остануваме будни? Дали спиеме и тогаш кога мислиме дека спиеме?“
Овој сајт му отстапи место на Господин Буден да раскаже за сопствената „будност“, па или ќе си олеснам или ќе помогнам. Понекогаш налутам, а можеби и усрамам.
Но, јас не сум виновен за моќта на медиумската писменост, а доколку ме читате мене, можеби и неписменост. Не сум фалбаџија, иако пријателите го тврдат спротивното. Дека во мене лежи уметник, љубител на уметноста, патувањата, страста кон животот.
Сакам да си се напијам, а потоа (како секој,, нормален” мамурлук”), искусувам еден внатрешен ѓавол кој едвај се зауздува во утрото. Би сакал да речам дека сум боем, но да не се лажеме, за да останеш буден во овој пијан свет, трезниот е оној кој би го нарекле штетник. Или..шизик на ризик?! Како и да е…
Не сум оженет, немам деца. Но, тоа е далеку од фактот дека не сум реализиран.
Затоа што знаете, нашите маргини зборуваат за цврстата волја да се носиме со клишето на имање,,челад”, гени распрскани на секаде и една жена која секогаш има посебно место во секако шовинистичките вицови. Дали сум шовинист? Далеку од тоа. Дали верувам во брак? Да, но во повеќе од еден.
Па што? Ова е простор во кој може слободно да загризам кон вистината и она што вистински ме претставува. Да кажам кој сум, зошто мислам дека сум и како всушност се креирам. Видете… Кога го цртате сопствениот карактер, или имајте на ум дека постојат тие граници или размислувајте надвор од нив. Се разбира, доколку сакате да му дадете душа на создадениот.
Господин Буден? Има душа. Феноменално тело (кое секој Понеделник прави диета, а останатите денови се труди да мисли за наредниот Понеделник), има брендирани чевли, и еден шанел куфер кој постојано го пакува под таа дебела сенка. Таму, прави планови кои вклучуваат задолжително напуштање на државата, бришење на паничниот блесав носталгичен багаж и емотивна нестабилност, малку работа во странство и многу пари кои ќе изградат огромна куќа во Битола за која сите ќе зборуваат. Но, брендираните чевли никако да го соберат овој малку елегантно пополнет господин со голема визија што ги „крепи“ границите, жените, пријателите, а најповеќе кафеаните.
Всушност, господин Буден можеби е токму оној господин кој го видовте утрово како јади жежок бурек, пие битолско кафе и црта свет и систем кој би ни одговарал на сите.
И секое утро со такво будење. Шмркни кафе, пали тутун, азното… Само ќе си дојде!
Се читаме со нов лист и материјал за животот во градот наш конзулски. Потребата да се запише животот, да се евидентира нашиот полуурбан хаос e голема, па се надевам на следно видување.
Засекогаш ваш Господин Буден.