ПОЕТИТЕ БОРЧЕ ПАНОВ И ДАНИЕЛА АНДОНОВСКА-ТРАЈКОВСКА ЈА ПРЕТСТАВУВАА С. МАКЕДОНИЈА НА ПОЕТСКИ ФЕСТИВАЛ ВО ИТАЛИЈА

Поетите Борче Панов и Даниела Андоновска-Трајковска ја претставуваа С. Македонија на меѓународниот поетски фестивал „CON-VERSI-AMO CON IL MONDO 2025“ во периодот 17-18 мај 2025 година во Кастел Маџоре, Болоња, Италија. Фестивалот е поддржан од Општина Кастел Маџоре, Унијата Рено Галиера, а е организиран од АУСЕР – Болоња во соработка со ПАС (PAS – Parco del Sapere Ginzburg) и Библиотеката “L’Isola del Tesoro”. Уметнички директор на фестивалот е Клаудија Пичино. Оваа година, освен македонските поети Борче Панов и Даниела Андоновска-Трајковска учествуваа поети од Србија (Милош Јанковиќ, актуелен претседател на Друштвото на писатели Србија и Милица Јевтимијевиќ Лилиќ) и Италија (Чинција Деми, Алесандро Ламберти, Стефано Каранти и Естер Чечере). Фестивалот се одржуваше на три локации: градската библиотека и театарот Бјаџи д’Aнтона во Кастел Маџоре и Библиотеката “L’Isola del Tesoro” во Болоња и тоа во вид на книжевни портрети, книжевни разговори, читање поезија на македонски, српски и италијански јазик. Во рамките на фестивалот беа претставени и поетските книги “Soul Full of Sky / Il Cielo Nell ‘anima” од Даниела Андоновска-Трајковска и “Sculpture of Breathing / Scultura del Respiro” од Борче Панов  во англиски препев на Даниела Андоновска-Трајковска и италијански – на Клаудија Пичино.

КРАТКА БИОГРАФИЈА

Борче Панов е роден во 1961 година во Радовиш. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1998 година. Својата прва стихозбирка ја објавил во 1991 година, а негова поезија е објавена во голем број антологии и литературни списанија дома и во странство. Панов работи како советник за образование во општина Радовиш, а исто така е и уметнички координатор на Меѓународниот поетски фестивал „Караманови средби“, што се одржува секоја година во Радовиш (првото издание на фестивалот беше во 1967 година). Има објавено Борче Панов 15 поетски книги и осум драми. Тој има објавено и 15 поетски книги на други јазици: бугарски, српски, хрватски словенечки, англиски, италијански, полски, арапски, романски во Бугарија, Србија, Хрватска, Романија, Полска, Италија, Обединети Арапски Емирати, Индија, САД, Холандија, а поезијата му е преведувана на околу 40 јазици. Добитник е на значајни светски книжевни награди.

Даниела Андоновска-Трајковска (1979, Битола, Северна Македонија) е наградувана поетеса, писателка, доктор на науки, книжевна критичарка, уредничка на 3 книжевни списанија, коосновач на Центарот за литература, уметност, култура, ораторство и јазик при Педагошкиот факултет-Битола каде што и работи како универзитетска професорка, член на Друштвото на писателите на Македонија, на Славјанската литературна и уметничка академија во Варна, актуелен претседател на Македонското научно друштво-Битола, а била и претседател на Уредувачкиот совет на Друштвото.

Автор е на 18 книги на македонски јазик (поезија, проза, книжевна критика, научна литература) и 8 книги на англиски, арапски, италијански, полски и романски јазик објавени во Италија, Романија, Обединети Арапски Емирати, Индија, Полска и Соединетите Американски држави. Се занимава и со книжевен превод, а нејзината поезија е преведена на 40 јазици. Добитничка е на значајни светски, но и национални книжевни награди.

[post_tags]