фолклорен перфорамнс на реномираниот ансамбл, КУД Илинден од Битола

Реномираниот ансамбл, КУД Илинден од Битола синоќа ја воодушеви битолската публика

Посебна вечер се случи синоќа во срцето на Старата битолска чаршија…

Помеѓу вековните улици со стари дуќани и шармантните фасади, фолклорен перфорамнс на реномираниот ансамбл, КУД Илинден од Битола.

Синоќа, публиката имаше впечаток дека времето застанало. Зазвучија ората и песните на улиците од старата чаршија, како вовед во програмата за големиот Меѓународен фестивал на фолклорот „Илинденски денови“, кој од денес стартува со официјалната фестивалска програма.

КУД Илинден од Битола синоќа приреди духовно патување низ живописното минато на Македонија, потсетувајќи колку тие улици на чаршијата биле омилен градски простор на нивните предци.

Музиката, песната и играта на членовите на КУД Илинден од Битола беа одличен спој и на историјата и на она што сме денес. Звуците на традиционалните инструменти, вешто отсвирени од виртуозите на ансамблот, одекнуваа надалеку.

Концертот беше посвета на 120 години од Илинденското востание и со тоа се додаде емотивна длабочина кај публиката, како да духот на издржливост и единство, кој го карактеризираше тој историски настан, беше канализиран во секој чекор, секоја нота, секоја насмевка споделена на сцената која практично беше на три локации.

Публиката синоќа стана дел од спектаклот, не само со аплаузите, туку и со желба да заигра. И домашни и странски гости во публиката, беа поврзани преку заедничка радост, како што впрочем фолклорот прави премостување на културите преку универзалниот јазик на музиката и играта.

Концертот на КУД Илинден Битола не беше само класичен настап, тоа беше прослава на наследството, доказ за трајната моќ на традицијата во обликувањето на идентитетот на нацијата. Со својата уметност, ансамблот докажа дека суштината на македонската богата културна фолклорна ризница може да го надмине времето и да допре до срцата на сите генерации.

Вечерта со КУД Илинден во Старата битолска чаршија беше незаборавно искуство, врз сенките на историските градби на овој градски простор, концерт како ремек-дело на културата и историјата, оставен за наследство.

фото | Диоген Хаџи Коста Милевски

КУД “Илинден” од Битола /CAS “Ilinden” from Bitola,R.Macedoniа/