Во најновата епизода на „Брчиме со Дуле“, домаќините Дуле и Кумбата го пречекаа стендап – комичарот, музичар и магистерски инженер Никола Сиљаноски – Братучед. Дуле го претставува како „комплициран“ и „висок два метри“. Додека Кумбата шеговито додава дека родителите на Никола се заљубиле „негде на пола пат“ бидејќи е роден во Риека, а денес живее во Охрид.
Никола има имресивна кариера – од свирењето во бендот„Сајдон“ до седум години успешна работа во македонскиот стендап. Како што вели сам, во ,,Брчиме со Дуле“, своите шеги ги собира „шега по шега“, а црниот хумор му е особено близок, иако за тоа често бил „осудуван“.
Комедија без цензура
„Не се цензурирам“, истакнува Никола, нагласувајќи дека стендапот е жива форма на уметност, каде реакцијата на публиката е клучна. Кумбата додава дека импровизацијата му е омилена. А Никола се согласува – доволни му се пет минути за да ја загрее атмосферата. Но, најголемиот предизвик за него? Насмеаната, но критична битолска публика.
„Понекогаш запишувам идеи. Правам структура, но најважно е чувството на сцената“, објаснува Никола, споменувајќи настапи пред само 20 луѓе, каде што интимноста на атмосферата го прави хуморот уште појак.
Шеги, перики и стендап преживување
Дуле и Кумбата не ја пропуштаат шансата да го задеваат за неговата долга коса, подарувајќи му перика. „Во вториот дел од емисијата, ќе го видите!“, вели Кумбата со смеа. Во разговорот, Никола се присетува на настапите во Берово – „Таму не беше атмосфера – преживување! Многу студено беше.“ Понекогаш, додава, дури и звуците од публиката можат да ну сметаат, но како што вели, „не можеш на човек да му речеш – не јади!“.
Политиката надвор од хуморот
Иако многумина се фокусираат на политички теми во стендапот, Никола избира да остане настрана. „Немам предизвик, таргетот е премал“, додава тој, уверувајќи дека најлошото што може да се случи е публиката да не реагира воопшто.
Дуле и Кумбата се согласуваат: „Најтешко е да го насмееш човекот“, а Никола додава: „Џими Кар – легенда. Ако си 30 години во бизнисот или ќе ти се допадне или нема.
На крајот од емисијата, Никола открива дека работи на свој стендап специјал. Додека не стигне до тоа, продолжува да собира нов материјал… Шега по шега, настап по настап – сè додека сцената не стане неговото најкомотно место.