Живот без комплетно мени! – Дали сме тука само за да се жалиме на услугата?

zivot bez kompletno meni

Живот без комплетно мени – илузијата каде што времето секогаш доцни и ретко се служи со совршен оброк!

Ромина Марковска

Очекувавме да не пречекаат со совршено вино, удобна фотелја и десерт што се вика среќа. Плативме скапо за влезот. И што се случи? Добивме порција проблеми, гарнирани со горчливи искуства и ветувања што остануваат неисполнети. Среќата што ја баравме, беше само мираж – недостижна надеж.

Ова е сликата на животот без комплетно мени – живот во кој совршенството е привид, а неизвесностите се главно јадење. Но, кој ги поставил овие „стандарди“? Одговорот е јасен – тоа е самиот живот, со сите негови неизвесности. На крајот, мора да се задоволиме со тоа што ни е понудено.

Во оваа реставрација на животот, премиум пакетите со нескршливи ветувања, се резервирани за некои среќници. Додека најголемиот дел од нас функционира со економска класа.

Од гости до домаќини – Перспективата што го менува животот

Но, чекајте малку! Дали сме тука само за да се жалиме на услугата? Зарем животот без комплетно мени мора да биде осуден на неуспешен обид за совршенство? Можеби е време да престанеме да чекаме и да станеме домаќини наместо гости.

Како да ја преземеме контролата?

Промената на перспективата од пасивен гостин во активен домаќин е клучна… Клучна за да сфатиме дека ние самите сме креатори на реалноста. Во светот на живот без комплетно мени, не можеме да чекаме совршенство  – мораме сами да го создадеме. Кога ќе го смениме ставот од „што ќе ми донесат“ во „што можам да понудам“ започнува вистинската трансформација.

Дури и наједноставните состојки – моменти на тишина, искрени зборови или искрени напори, можат да станат дел од неоддоливиот оброк што го подготвуваме за другите. Тука, културата на гостопримството не значи само „тие треба да се грижат за мене“… Туку, „јас можам да создадам простор каде сите се чувствуваат добродојдени.“

Епилог – Да бидеме домаќини овде и сега

Животот без комплетно мени не значи дека треба да се откажеме од уживањето. Напротив, тоа е можност да го преобразиме пристапот кон секојдневието. Како домаќини, ја преземаме одговорноста и радоста  на создавањето. Секој момент е шанса да бидеме повеќе од обични гости – да создадеме нешто што остава трага на стапало од човек. На крајот на денот, животот е колекција од најубавите моменти што сме ги оставиле зад себе. А кога ќе се запрашаме што значи вистинската вредност на животот, одговорот е повеќе од јасен:

тоа е бакшишот што сме го оставиле за другите – нашите дела, нашите зборови и нашата добрина.

Примери за живот без комплетно мени

Наместо да се жалиме што не сме добиле шанса за работа од соништата, да започнеме со мал чекор напред. Можеби не е возможно веднаш да се започне бизнис, но може да се започне со нешто скромно, како што направи Ана. Таа, покрај својата редовна, но минимална плата, започна да продава домашно подготвени колачи на локалниот пазар. Но, што е интересно – Ана не се потпираше на готови шанси туку ја користеше својата имагинација со веќе постоечките ресурси за храна, создавајќи нешто ново.  Ана измисли уникатни рецепти и создаде бренд што зборуваше за љубовта кон традицијата и домашната изработка, а не за големи инвестиции. Малите успеси ја инспирираа да продолжи напред и да го претвори својот мал бизнис во успешна приказна.

Кога е ограничено времето за семејството, не мора да се чекаат совршени услови. Како што прави Марко, кој иако нема средства за луксузни излети, секоја вечер наоѓа начин да создаде уникатни моменти за своите деца. Неговата имагинација не познава граници: од изградба на замоци од перници, картонски кутии во дневната соба до организирање на мали домашни спортски игри со чудни правила што го прават секој момент посебен. Иако работи долг ден, Марко ги инспирира своите деца да бидат креативни, да уживат во малите работи и да ја ценат силата на заедничките мигови. Малите, но значајни активности се тие што создаваат спомени кои остануваат со нас цел живот.

пишува: Ромина Марковска