Крими-трилерот „Бизнисот на задоволството” на режисерот Гоце Цветановски во четврток, на 10 октомври во 20 часот, ќе биде премиерно прикажан во 3Д кино Битола, Центар за Култура.
На премиерата на филмот ќе присуствува и Цветановски заедно со актерката Слаѓана Вујошевиќ, актерот Исмаил Касуми, како и композиторот Димитар Андоновски кој стои зад музиката во филмот.
„Бизнисот на задоволството” ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на најдобрата пријателка подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.
Филмот во својата богата меѓународна фестивалска година заобиколи пет континенти со 32 селекции и 10 освоени награди.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Филмот е финансиран од Агенцијата за филм.