Посебен фокус кон младиот потенцијал – Заврши 22 издание на Битола Отворен Град

Битола измината недела беше трансформирана во отворена музичка и уметничка сцена.

Овој наш настан, кој влезе во третата деценија, беспрекорно умее да се носи со новите генерации и новото време. Да ги спојува уметноста, музиката и општествениот ангажман, обезбедувајќи платформа за младите таленти да се изразат себеси додека поттикнуваат позитивни промени. Од трансформација на говорот на омраза во улична уметност до наелектризирани музички изведби, овогодинешниот фестивал испорача извонредно искуство за илјадната публика која не следеше во сите фестивалски денови” – истакнуваат од МКЦ Битола кој е организатор на овој фестивал.

Младите му дадоа урбан лик на градските ѕидови, трансформирајќи ги пораките што пренесуваа гнев и омраза, во уметнички дела. Понатаму, на Битола Отворен град настапија, три нови млади локални бендови, за кои допрва ќе се слуша: Everest, Tsar Von Time и Sinful Glare.

Изложба во старото градското јадро во дворот на МКЦ и славење на младоста до зајдисонце над калдрмата во битолската чаршија. Дневни активности и работилници во кои ужуваа и учесниците и публиката. Ноќ за паметење посветена на електронската музика со настап на домашни ДЏ како локална поддршка за гостинот од Барселона, Joe Diem.

… И на крај комплетно уживање со голем музички хепенинг што ги задоволи апетитите и на љубителите на метал музика. Домашниот хеви метал бенд LUCENT испорача незаборавен настап пред своите верни фанови, а пак гостите ARUMBO од Шпанија/Белгија, со румба и џез варијации ја пренесоа бројната публика низ некои нови музички сфери.

И конечно, белградскиот REPETITOR, трио кое ужива почит на глобално ниво, заработувајќи и шанса да биде предгрупа на европските турнеи на Arcade Fire ја ослободи својата сирова енергија на заразен гаражен рокенрол со пост-панк примеси, оставајќи ја публиката да копнее по повеќе.

Уметност, музика и социјален ангажман, останува кохезија на креативните сили
младинскиот арт фестивал Битола Отворен Град, кој верува во новите генерации и нивниот општествен ангажман. Фестивалот останува да биде платформа за младите луѓе да се изразат креативно, истовремено поттикнувајќи дебати кои би поттикнале позитивни промени, преку работилници, перформанси и инклузивни настани, славејќи ја различноста, единството и огромниот потенцијал на младите луѓе да обликуваат подобра иднина.