Денес е еден од најголемите христијански празници Водици (Богојавление).
Водата, како извор на живот и духовна обнова, игра повеќе од значајна улога во мистеријата на Водици (Богојавление) . Секоја капка се преобразува во света река која не води во длабоките води на христијанската вера.
Преку светата вода и крштевањето, Богојавление е нов почеток каде што водата и духот креираат една вечна приказна на верата и обновата.
Празникот Богојавление е еден од најголемите христијански празници чии корени потекнуваат од вториот век од христијанската ера. Клучниот момент поврзан со овој ден е крштевањето на Исус Христос во реката Јордан од страна на Свети Јован. Оттогаш, Свети Јован станува познат како Крстител.
Евангелието ни раскажува дека „откако Јован го потопил Исус во реката Јордан и го крстил, од небото врз Исус слегол Светиот Дух во вид на гулаб и се отворило небото. Божјиот глас проговорил: Ти си синот мој возљубен.“
Токму овој настан е денот кој се нарекува Богојавление.
Во моментот на крштевањето, Бог се објавува како Света Троица, составена од Отецот, Синот и Светиот дух. Самиот празник е познат како Водици поради големиот „водосвет“ што се извршува во Црквата на овој ден. Оваа обредност симболизира обновување на човечката природа и на целиот космос преку водата и духот. И „ако некој не се роди од вода и дух, не може да влезе во царството Божјо!“-според зборовите на Исус.
Оттука, Овој ден има особено значење како момент на крштевање кое претставува една од најсветите тајни во христијанството. Крштевањето е и духовно раѓање и почеток на верскиот живот. Кумот е духовен родител на крстениот и најблизок роднина.
Впечатлив момент, кој вреди да се издвои е следниот: во грчката традиција, овој празник е наречен Богојавленија каде што множината на името укажува на обединување на сите Богојавленија на овој ден , од почетокот на светот и векот и тежнее кон незаборав.
Со Богојавление завршуваат не само дванаесетте „Некрстени денови“ туку завршува и целиот циклус на зимски празници, вклучувајќи ги свеченостите кои се поврзани со Бадник, Божик, Василица.
И овој пат, Богојавление ја прославува верата, прикажувајќи ни дека водата тече како река на надеж и преродба во верскиот пат.