Битола подготвена за 26.издание на Интернационалниот фестивал на монодрама

Од 17 до 23 мај, Битола ќе биде домаќин на 26. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама… Културен настан кој веќе четврт век ја афирмира моќта на индивидуалната актерска изведба… Ја поврзува домашната со светската театарска сцена.

Годинава, овој фестивал на монодрама ќе понуди 10 монодрамски претстави во официјалната програма, со учесници од 9 држави:

Македонија, Полска, Литванија, Шпанија, Киргистан, Грузија, САД, Романија и Бугарија. Отворањето и затворањето ќе се одржат во Народниот театар Битола. Додека останатите претстави ќе се играат во салите на Центарот за култура.

На отворањето ќе биде изведена „Д (Како Дездемона)“, во кореографија и режија на Рисима Рисимкин. А на затворањето публиката ќе ја проследи „Куфер.мк“. Монодрама на актерката Соња Михајлова, која годинава е добитничка на наградата за животно дело од фестивалот „Војдан Чернодрински“.

На денешната пресконференција селекторот Благој Мицевски посочи дека интересот за учество секоја година расте. А годинава се пријавиле околу 50 продукции. Во натпреварувачкиот дел се селектирани 10 претстави, од кои две се македонски.

Претставите се жанровски разновидни. Од класични драмски дела до современ и документарен театар, со силен акцент на актерската трансформација и моќта на раскажување преку еден лик.

Жирито во состав Рисима Рисимкин (Македонија), Емре Ердем (Турција) и Лаша Чхартишвили (Грузија) ќе ги додели наградите за Гран-при, најдобар актер и најдобра режија.

Во рамките на фестивалот е предвидена и богата офф-програма:

  • Статуи на Широк Сокак
  • Драмска работилница за деца и млади
  • Театарска работилница на американскиот актер Роналд Ранд
  • Промоција на монографијата 1/4 век Интернационален фестивал на монодрама – Битола
  • Панел-дискусии: „Монодрамата како мост меѓу културите“ и „Aлма Малер“

Визуелниот идентитет на фестивалот е дело на дизајнерот Сашо Илковски, а годинашниот слоган е: „Еден збор – еден свет“, што ја рефлектира суштината на монодрамата како уметност што зборува со една актерска интерпретација, но допира до многу светови.

Организатори на фестивалот се НУ Центар за култура – Битола, со поддршка на Министерството за култура и туризам на РС Македонија, Општина Битола и Народниот театар Битола.

Фестивалот на монодрама останува верен на својата мисија да го негува театарот како средство за културна размена, уметничка експресија и лична трансформација.

Повеќе информации следете тука.

[post_tags]