Некои пријателства кликнуваат без никаква интенција, план, намера. Така кликна и нашето со „Brass Brothers“. Пријателства кои од самиот старт знаеш дека остануваат вечно.
И верувам дека си има тука судбината смешано прсти, па така позитивната енергија и љубовта каде и да ја распрскаш низ светот – ќе се најде. Ќе се најдат убавите луѓе. Ќе ти направи распоред и ќе се собере како жива од топломер. А штом сме кај температурата, синоќа гореше на прославата за роденденот на најдобрите музички мајстори на забавата. 12 години „Brass Brothers“.
Дури го „думав“ текстов, пребарував низ фолдери во умот, барајќи ги најмоќните зборови за да ги пофалам. Но, сфатив… Обично за некои текстови ти требаат некои такви тренди, впечатливи, некој фенси сленг. Но, овој пат, не ми требаат зборови. Исто како што не ти треба посебен дрес-код, ни посебен аутфит на умот за да одиш на забава на „Brass Brothers“.
Таму под ѕвездите, кога ја слушнав трубата, саксофонот, тромбонот, се завртив кон небото, како да го бркав целото тоа тмурно и напластени негативни емоции. Нивната енергија чисти. Знае како со срцето, со чекорот – и сами ти потскокнуваат нозете. Адреналинот со нивната фуриозна енергија е на „ти“ и стануваш едно со музиката и енергијата што толку ритмички, автентично те „вози“ низ годините.
И додека музичката сцена се обидува да го задржи балансот меѓу традиционалното и современото, и да го задоволи апетитот на новите генерации, „Brass Brothers“ успева да пулсира и да ја пренесе истата енергија.
Она што најмногу ме фасцинира во нивниот кариерен пат е што тие не се споделуваат за поени, не берат лајкови. Затоа, текстов е восхит кон искрената човечка иницијатива, добрина без очекување. А токму таму се раѓаат вистинските ѕвезди. Ѕвезди кои доаѓаат токму од нашиот град. Од Битола. Срцето на светот, уметноста, музиката. Среќен роденден, „Brass Brothers“. Полнете го светот со музика и среќа – како што вие најдобро умеете! 🥳
Би поентирала со цитат од едно интервју што го правев со фронтменот Горан Мицевски Кус:
„Нашата музика е израз на радост, љубов и животна сила, и сакаме таа енергија да ја пренесеме на нашата публика. Не се работи за гнев или бунтовност, туку за чиста љубов кон луѓето, животот и музиката.“