Детски глас, виолина, тамбура, труба… Чекорчиња кои не потсеќаат на доброто, убавото, на мирот, на вербата во Бога. Така започна утрово во Скопје и магијата продолжи низ сите страни на нашата земја.
Денес, светот се разбуди со ангелска песна. Бадник. Денот кој шири радосна вест. Денот пред Христовото раѓање. Душите гласно зборуваат и небото слуша.
Бадникови те поворки весело наговестуваат и градовите во нашата земја, пулсираат во тоа име.
И од Битола, од нашата Битола испративме порака со песна. „Вечниот Бог“ е божиќната песна, а оваа година бадниковите поворки се случуваат по 14-ти пат. 75 градови и села во нашата земја и 5 во дијаспората во еден глас испраќаат молба и се радуваат на веста.
Бадниковите поворки како форма на радосно здружување на децата кои после коледарењетo во своите маала, се собираат на однапред договорено зборно место за заедно, свечено и достоинствено да поминат одредена патека пеејќи ја пригодната божиќна песна „Вечниот Бог“.
На овој ден, Божиќни ѕвезди блеснаа и го украсија свечениот настан, симболизирајќи ја Витлеемската ѕвезда што им го покажала патот на Мудреците кон местото на Раѓањето на Богомладенецот.
И тука некаде меѓу редовите, го поздравуваме здружението „Бадникови поворки“ како
возобновувач на православната традиција. Имено, здружението оваа година го доби највисокото признание на КОВЗ „Вељо Манчевски“ за особен придонес во создавањето трајни вредности.
За многу години!
Христос се Роди!