Минатата година Зрно фестивалот на алтернативна фотографија, го имаше своето прво издание, а според уникатноста и афтентичниот современ пристап кон уметничкиот фотографски фокус, овој фестивал може да се пофали со уште поголем квалитет и квантитет на содржините.
Негувајќи ги благородните фотографски техники и имајќи висок естетски стандард, Зрно, на отворениот повик за дела привлече алтернативни фотографии од околу триесет земји од светот, од сите континенти. Имено, селекцијата ја правеше осумчлено меѓународно жири.
„Бруна Валенца и Емилија Сандиќ се млади авторки за кои веруваме дека допрва ќе се слушне, а тоа е дел од пристапот на Зрно, да промовира млади автори/ки. Од друга страна, тие и го даваат специфичниот естетски поглед на помладите генерации, клучен а често занемарен во вакви процеси.“ – се вели во соопштението на организаторите, а од таму додаваат: „Избрани се околу 120 дела на отворениот повик и ќе бидат изложени во Мултимедијалниот Центар – Мала Станица, во Скопје, на 16ти Јуни 2023 година, во 20.00 часот. Ова е единствена можност кај нас да се видат неверојатно храбри, експериментални и естетски издржани дела од најразлични фотографски техники, од едноставни цијанотипии до оригинални колодиумски стакла од огромен формат и многу различни експерименти измеѓу. Низ целата селекција провејува еден модерен, ведар и луциден дух на современата светска фотографија, ослободена од вештачки наметнатите стеги на медиумот, од минатиот век.“
Жозеф Мариа Рибас Прус – најнаградуваниот шпански ФИАП фотограф и сериозно име во светот на фотогафијата, со неверојатна вештина од темната комора, со своја изложба ќе биде дел од програмата на Зрно.
Наспроти него, Зрно го изложува Дамиан Диаконеску фотограф од Темишвар, алхемичар, мајстор на бројни аналогни, алтернативни процеси со невидена естетика. Крајно непознат за јавноста вон Темишвар и крајно вреден за светска слава.
Зрно верува дека промовира и нови ѕвезди на современото фотографско небо. Дијалогот на многу нивоа на овие два автори, ќе може да се проследи во КИЦ, на 20ти Јуни, во 20:30 часот.
Но, она што ја интересира битолската публика е дека делата од отворениот повик потоа се селат во Битола, во Офицерскиот дом, на 8ми Јули, а работилниците за седум алтернативни фотографски процеси ќе одржуваат во село Цапари, во просториите на уметничката колонија Де Ниро, од 10ти до 16ти Јули.
Пријавените учесници на работилниците се една прекрасна шарена комбинација од најразлични вљубеници во фотографијата ширум Европа и една учесничка од САД.
На 14ти јули, во Кино Манаки во Битола, на отворениот ден на фестивалот, во 20:00 часот, професорот Роберт Јанкулоски ќе одржи претставување на делото на браќата Манаки, изложба на нивни фотографии а потоа ќе биде прикажан и филм за нивнниот живот и дело.
Програмата на Зрно 2023 ќе заврши со изложување на дел од делата кои ќе настанат на работилниците.