Зависта во современото општество? – Што ја поттикнува?

зависта

Зависта е токму тоа – црна сенка која полека се прилепува на нашата психа.

Во својата суптилност, таа вешто ги опфаќа нашите мисли и емоции. Зависта целосно ја искривува перспективата за светот. Мислите и чувствата кои природно се менуваат и трансформираат секоја секунда, под нејзиното влијание се замрсуваат. Како бран што ја искривува рефлексијата на водната површина, зависта создава изопачен одраз на успехот – не дозволува ни да ја видиме неговата вистинска природа.

зависта како црна сенка која ја покрива потенцијалната среќа

Зависта ја блокира нашата потенцијална среќа. Ни го одзема внатрешниот мир и создава немир во мислите. Го разорува чувството на благодарност и не наведува на бескрајни споредби со другите. Наместо да ги цениме сопствените квалитети и достигнувања, зависта ја искривува нашата перцепција… Правејќи го успехот на другите да изгледа како закана. Се чувствуваме како да сме во емоционална војна каде што секоја победа на другиот е емоционална бомба фрлена врз нас. Но, крајниот резултат е секогаш ист – уништување на сопственото задоволство и среќа.

Двајца блиски придружници на зависта се горчината и љубомората!

Тие делуваат како невидливи антагонисти кои создаваат бариери меѓу нас и среќата што ја посакуваме. Како што кажува Фридрих Ниче: „Тој кој има злобни намери не е многу различен од тој кој не може да ги прифати своите слабости.“ Овие емоции, без оглед на обликот во кој се јавуваат, го потиснуваат чувството на сопствена вредност… И ја уништуваат нашата радост.

Но, што ја поттикнува зависта во современото општество? Од социјалните параметри до личните недостатоци, причините се многубројни. Недостатокот на самодоверба и незадоволството од сопствениот живот се клучни иницијатори. Во конкурентни средини, каде што успесите на другите се ставаат во центарот на вниманието, зависта лесно може да се активира. Можеби системите кои нагласуваат успеси и постигнувања без да ја обезбедат неопходната поддршка, дополнително создаваат притисок врз поединците за да се споредуваат и натпреваруваат. Ова не важи само за нашето општество  – тоа е глобален феномен кој се појавува во било кој систем.

Добро е да ги видиме и слушнеме успесите на другите, но исто така е неопходно да создадеме простор за мотивација и поддршка на оние кои се побавни или се чувствуваат немоќни од „х“ причини, а имаат што да кажат и понудат во својата средина на егзистирање. Понекогаш е доволно само да се „ѕирне низ клучалката“  – да се пронајде тој мал, но важен извор на мотивација кој ќе ги охрабри другите и ќе им покаже дека и нивниот пат кон успехот е возможен.

Сите ние сме луѓе и секој успех би требало да служи како инспирација, а не како причина за завист. Со активна поддршка и охрабрување, секако даека можеме да создадеме атмосфера во која ќе се радуваме на нашите и туѓите успеси. Заедно ќе растеме и ќе се развиваме. Замислете свет во кој наместо завист, триумфираат солидарноста и радоста за успехот на другите. Ова не е утопија. Ова е можност што започнува со секој од нас – со секоја искрена насмевка и секоја подадена рака за поддршка.

Како што вели Махатма Ганди: „Бидете промена што сакате да ја видите во светот.“ Оваа промена започнува со нас, со љубов и поддршка за другите. Со разбирање на зависта и нејзините корени, го преземаме првиот чекор кон ослободување од оваа црна сенка. Крајно време е да се ослободиме од неа. Не уништува во поим и ни ја краде среќата.

пишува: Ромина Марковска